Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска обвини дека поткупот од 2.000 евра бил само првата од неколкуте исплати што требало да ги добие поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, во врска со тендер за одржување на хигиена на граничните премини и терминали, вреден 18 милиони денари.
На прес-конференција, Петрушевски рече дека, според информации добиени од свиркачи, Богоев наводно го договарал поткупот во директна комуникација со Александар Спирковски – Џемо, преку вибер-конверзација.
Според неговите тврдења, Спирковски, кој ја застапувал фирмата што го добила тендерот, договорил и финансиски исплати за Богоев, при што една од траншите наводно изнесувала повеќе од 110 илјади денари.
„Јавноста заслужува да добие одговори колку пари требал да добие Богоев за да го намести овој тендер вреден 18 милиони денари“, изјави Петрушевски.
Во обраќањето тој упати критики и кон СДСМ, оценувајќи дека случајот е уште еден пример за, како што рече, практики поврзани со криминал, афери и провизии.
Од СДСМ, Стефан Богоев и другите споменати лица засега нема реакција на изнесените обвинувања.




