Претседателот на СДСМ Венко Филипче, ја отвори денешната меѓународна конференција „Скопска иницијатива“, организирана од СДСМ и „Корчуланска висока политичка школа“.
Во воведното обраќање Филипче порача дека регионот се соочува со сериозен предизвик од авторитарни, националистички и коруптивни структури, на кои прогресивните сили мора да одговорат со единство, соработка и заедничка акција.
-Скопската иницијатива е акција за зајакнување на регионалната соработка меѓу социјалдемократските и прогресивните политички партии во нашиот регион – истакна Филипче.
Тој оцени дека Западен Балкан се наоѓа во клучен момент кога по долгогодишни застои повторно постои реална можност за членство во Европската Унија.
-Нашата генерација има единствена можност да го заврши овој процес. Имаме можност не само да исполниме една стратешка цел, туку и да го оствариме долгогодишниот сон на цела една генерација – рече Филипче.
Во своето обраќање тој оцени дека европската перспектива на регионот е загрозена од организиран отпор кон реформите и демократијата.
-Антиевропските сили се поорганизирани од кога било досега и решени да ја одложат, ако не и целосно да ја спречат, европската интеграција. Домашниот национализам, популизмот, организираниот криминал и екстремизмот сè повеќе дејствуваат заеднички против европските вредности и реформските процеси. Особено загрижува блиската соработка помеѓу организираниот криминал и националистичко-популистичките структури. Криминалните мрежи, заштитени од ретроградните политички елити, најмногу стравуваат од реформите во владеењето на правото што ги носи европската интеграција – истакна Филипче.

Тој посочи и на лицемерието на оние кои јавно настапуваат како противници на европската интеграција, додека својата лична и деловна иднина ја врзуваат токму за земјите членки на Европската Унија.
-Овие самопрогласени патриоти и бранители на националниот идентитет најдобро ја откриваат сопствената хипокризија преку тоа каде ја обезбедуваат својата лична и деловна иднина – најчесто токму во Европската Унија – додека истовремено шират дезинформации за иднината на Европа меѓу своите граѓани – рече Филипче.
Претседателот на СДСМ предупреди и на подемот на антидемократски движења кои, како што рече, се насочени кон поткопување на темелните прогресивни и антифашистички вредности на современите општества.
Филипче порача дека единствениот одговор на овие предизвици е создавање силна прогресивна коалиција на регионално ниво.
-За да ја победиме оваа црна регионална коалиција, мора да одговориме со единство, одлучност и долгорочна соработка – порача претседателот на СДСМ, на отворањето на конференцијата.
Фото: СДСМ




