Израелскиот Кнесет усвои закон со кој се овозможува одземање средства од палестинските даночни приходи, потег што би можел дополнително да ја продлабочи финансиската криза на Палестинската самоуправа.

Станува збор за приходи од царини и од даноци на стоки што се увезуваат на палестинските територии, било од Израел или преку граничните премини под контрола на Тел Авив. Овие приходи Израел ги собира во име на Палестинската самоуправа.
Сепак, уште од 2019 година Израел задржува одредени износи од овие средства, повикувајќи се на различни образложенија, што доведе до сериозни финансиски тешкотии и до неможност Палестинската самоуправа редовно да им исплаќа целосни плати на вработените, посочува Анадолија.

Кнесетот соопшти дека на вчерашната пленарна седница, во второ и во трето читање, бил усвоен предлог-законот за замрзнување дел од приходите од даноци и царини. Со усвојувањето во двете читања, предлогот стапи во сила како закон.

Според Кнесетот, законот предвидува одземање средства од приходите што Израел секоја година ѝ ги префрла на Палестинската самоуправа, а висината на износот ќе ја утврдува Министерскиот комитет за прашања на националната безбедност врз основа на извештајот на министерот за финансии, Безалел Смотрич.

Во изминатите години, израелските судови наложија Палестинската самоуправа да им исплати отштета вредна повеќе десетици милиони долари на израелски граѓани кои тврдат дека претрпеле штета во палестински напади.

Иако министерот за финансии Смотрич и претходно ги одбиваше овие износи од палестинските приходи, новиот закон ја претвора таа практика во законска обврска, наместо таа да остане на ниво на министерски одлуки.

Палестинскиот премиер, Мохамад Мустафа, минатиот месец го обвини Израел дека го „задушува“ Западниот Брег користејќи „политички, безбедносни и колонијални алатки“, додека истовремено продолжува со задржувањето на палестинските даночни приходи.
„Овие намалувања дополнително се интензивираа во последните 12 месеци, бидејќи Израел не префрли никакви даночни и царински приходи во државниот буџет“, изјави Мустафа.

Според Парискиот економски протокол, кој е анекс на Договорот од Осло од 1994 година меѓу Израел и Палестинската самоуправа, израелското Министерство за финансии ги собира даночните и царинските приходи на граничните премини.
За оваа услуга Израел задржува три отсто од вкупно собраните приходи, чија годишна вредност изнесува околу 380 милиони шекели, односно приближно 102 милиони американски долари.