Украина е подготвена да ги сподели своите технологии за дронови со скандинавските и балтичките земји – изјави денеска претседателот Володимир Зеленски за време на самитот на форматот НБ8 (NB8) во Естонија, каде што членуваат пет скандинавски и три балтички држави.

Форумот се одржа во период на зголемени тензии предизвикани од неодамнешните зачестени случаи на навлегување украински дронови во воздушниот простор на земјите од регионот.

Зеленски и естонскиот претседател Алар Карис се договорија да бараат поекономични начини за заштита на воздушниот простор на Естонија, откако во изминатите недели неколку дронови го повредија нивниот простор, а во средината на мај и авион на НАТО собори беспилотно летало над јужниот дел на земјата.

– Покажавме дека можеме да соборуваме дронови со воени авиони – изјави Карис пред новинарите, но појасни дека тоа е премногу скапо и изрази надеж дека соработката со Украина ќе овозможи примена на поевтини методи за борба против беспилотните летала.

Зеленски посочи дека Киев веќе успешно им помогнал на некои земји од Блискиот Исток да се заштитат од вакви напади. Украина може да понуди поевтини дронови пресретнувачи кои овозможуваат градење на поевтин штит од руските напади, а Зеленски додаде дека Киев е подготвен да испрати експерти во Европа во кој било момент.

Карис истакна дека очекува уште вакви инциденти додека трае војната во Украина и ги повика граѓаните на смиреност.

Зеленски нагласи дека разговорите со лидерите од НБ8 биле фокусирани на напредокот на дипломатијата, зајакнувањето на украинската воздушна одбрана и патот на земјата кон ЕУ. Тој повтори дека Киев ги исполнил сите услови и побара Унијата ова лето да даде зелено светло за почеток на преговорите. На самитот, Украина и Латвија потпишаа договор за заедничко производство на дронови, а Зеленски побара и построги санкции против руската „флота во сенка“.

Украинскиот лидер за воздушната одбрана разговараше и со финскиот претседател Александар Стуб и со норвешкиот премиер Јонас Гар Стере.

„Сите наши партнери веќе согледуваат дека позициите на Украина на фронтот се значително позасилени“, рече Зеленски, додавајќи дека Русија се обидува да ги компензира големите загуби на бојното поле со напади врз цивилната инфраструктура.