Тројца наши професори се меѓу десетте најцитирани истражувачи од Македонија во областа земјоделски науки и шумарство, информираа од Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, на нивната Фејсбук страница. Тие споделија дека ова претставува признание за научната извонредност на Земјоделскиот факултет при УГД – Штип.
– На денешната промоција на проектот „Академско рангирање АРБУ (Academic Ranking of Balkan Universities)“, одржана во Стопанската комора на Северна Македонија, беа презентирани резултатите од рангирањето на најцитираните истражувачи во државата по научни области. Со особена гордост истакнуваме дека во областа „Земјоделски науки и шумарство“ тројца професори од Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип се меѓу десетте најцитирани истражувачи од Македонија, соопштија од факултетот.
Проф. д-р Саша Митрев, 1 место, проф. д-р Фиданка Трајкова, 8 место и проф. д-р Виолета Димовска, 10 место.
– Овие резултати претставуваат значајна потврда за квалитетот на научно-истражувачката работа на Земјоделскиот факултет и неговата препознатливост во национални и меѓународни рамки, информираа од факултетот.
Оттаму упатија честитки до наградените професори за нивниот исклучителен придонес во развојот на земјоделските науки, како и за успешната промоција на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и македонската наука во светски рамки.




