Длабоко, на повеќе од 1,6 километри под дебелата ледена покривка на Источен Антарктик, научниците открија исклучително добро зачуван древен пејзаж кој останал речиси недопрен цели 34 милиони години. Станува збор за огромна област скриена под мразот, која претставува вистинска временска капсула и нуди единствен увид во изгледот на Земјата пред Антарктикот да се претвори во ледена пустина што ја познаваме денес, објави списанието „Нејчер“ („Nature“).

Истражувањето е спроведено од геологот Стјуарт Џејмисон од Универзитетот во Дарам во Велика Британија, заедно со меѓународен тим научници. Веста за ова значајно откритие ја пренесоа бројни светски медиуми, а научниот труд е објавен во списанието „Нејчер комјуникејшнс“ („Nature Communications“).

Користејќи сателитски мерења и радарска технологија способна да „гледа“ низ дебели слоеви мраз, истражувачите успеале да го детектираат скриениот свет под замрзнатата покривка. На тој начин откриени се низа од долини, висорамнини и планински гребени што биле обликувани од древни реки многу пред континентот да биде покриен со мраз.

Откриениот пејзаж зафаќа огромна област во Источен Антарктик. Според научниците, тој се формирал во периодот меѓу 80 и 34 милиони години, кога Антарктикот имал сосема поинаква клима. Во тоа време континентот бил дел од значително потопол свет, со многу повисоки концентрации на јаглерод диоксид во атмосферата. Наместо бескрајни пространства покриени со мраз, големи делови од најјужниот континент биле исполнети со реки, мочуришта и шумски екосистеми.Во наслагите пронајдени долж антарктичкиот брег претходно бил откриен полен од палми, како и растителни остатоци кои денес се поврзуваат со умерени и суптропски климатски услови.

Пред околу 34 милиони години, за време на преминот од еоценот кон олигоценот, Земјата влегла во период на значително заладување. Глобалните температури се намалиле, концентрацијата на јаглерод диоксид опаднала, а на Антарктикот започнало формирањето на огромната ледена покривка која постепено го прекрила целиот континент. Токму тогаш древниот речен пејзаж бил скриен под мразот и зачуван сè до денес.

Она што особено ги воодушевува истражувачите е фактот дека теренот останал речиси непроменет милиони години. Во многу случаи, замрзнатите покривки предизвикуваат ерозија на карпите и релјефот под нив, но во овој дел на Источен Антарктик мразот бил толку студен и стабилен што не предизвикал значителни промени. Благодарение на тоа, древните долини и површини останале зачувани.

Професорот Џејмисон го опишал откритието како „отворање на временска капсула“, бидејќи им овозможува на научниците да проучуваат свет што постоел пред формирањето на современата антарктичка ледена покривка.Токму поради тоа, истражувачите веќе планираат идни експедиции во рамки на кои би се вршело дупчење низ мразот со цел да се дојде до примероци од карпи и почва скриени под него. Таквите примероци би можеле да откријат какви растенија и микроорганизми некогаш живееле на ова подрачје, но и да дадат нови сознанија за климатските промени што се случувале во текот на милиони години. Откритието има големо значење и за современите истражувања на климатските промени. Разбирањето на начинот на кој Источен Антарктик реагирал на климатските промени во далечното минато може да им помогне на научниците попрецизно да предвидат како ледената покривка ќе реагира во иднина.

„Знаејќи дека Источен Антарктик ги содржи најголемите резерви на мраз на Земјата, секое ново сознание за негова стабилност е од исклучително значење за процените на идниот пораст на нивото на морињата ширум светот“, напиша Нејчер.

Фото: Пиксабеј