САД планираат за околу една третина да го намалат бројот на борбени авиони кои му ги ставаат на располагање на НАТО за операции во Европа, јавија светските агенции повикувајќи се на интерен документ.

Како што се истакнува, Вашингтон ги известил своите европски сојузници за оваа одлука на почетокот на јуни.

Планот предвидува намалување на бројот на ловци Ф-16 и Ф-15E од приближно 150 на околу 100 летала. Истовремено, бројот на авиони за поморско извидување ќе биде намален од 26 на 15, додека сите осум авиони-цистерни кои досега им беа на располагање на европските сили ќе бидат повлечени од оперативна употреба.

Покрај тоа, САД планираат преместување на една подморница вооружена со ракети, еден носач на авиони, повеќе воени бродови и десетици авиони кои учествуваат во мисиите на ударната група на носачот на авиони.

Според истиот план, една од двете бомбардерски воздухопловни групи кои досега беа наменети за одбрана на Европа ќе биде префрлена во друг регион.

Одлуката доаѓа во момент кога во европските земји сè почесто се расправа за потребата од зајакнување на сопствените одбранбени капацитети и намалување на зависноста од американската воена поддршка.

Фото: архива