Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп изрази оптимистички став за договорот за новиот нацрт-договор со Иран, соопшти кабинетот на Нетанјаху.
Во соопштението се наведува дека во разговорот станало збор за „новиот меморандум за разбирање со Иран во врска со стапувањето во преговори“, пренесува Тајмс оф Израел.
„Иако Израел не е страна во меморандумот за разбирање, премиерот изрази благодарност до претседателот Трамп за ветувањето дека конечниот договор постигнат на крајот од преговорите ќе вклучува отстранување на збогатениот ураниум, демонтирање на инфраструктурата за збогатување, ограничување на производството на ракети и прекин на иранската поддршка за своите терористички сојузници во регионот“, се вели во соопштението.
Трамп претходно соопшти дека ги откажал планираните ракетни напади и бомбардирањето на Иран кои требаше да се случат синоќа, откако, како што рече, највисоките ирански претставници ги одобриле преговорите со Соединетите Американски Држави.




