Министерот за здравство, Азир Алиу во видео-обраќање изразува поддршка за Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри, кој помина во прво читање на пленарна седница во Собранието и апелира дека зависноста е здравствен ризик, а најефективната терапија за неа е превенцијата.
„Не може да зборуваме за коцкањето дека е забава, кога истото станува навика и зависност. Кога влегува во семејството како долг, стрес, вознемирување и кога подмолно се вгнездува во животот на младите уште пред да созреат. Како министер за здравство, имам обврска да кажам дека зависноста е здравствен ризик, а најефективната терапија за неа е превенцијата. Затоа ја поддржувам секоја законска мерка што ќе ги тргне кладилниците и коцкарниците подалеку од училиштата и што ќе го намали рекламниот притисок врз младите. Ова е битка за менталното здравје, за семејствата и за иднината на децата. Вреди да поставиме граници“, порачува Алиу.




