Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека НЕ „Запорожје“ (ЗНПК) денеска повторно е поврзана со мрежата по успешните поправки на резервниот далновод „Фероплавна“, што беа извршени за време на локалниот прекин на огнот постигнат со посредство на МААЕ.

Во соопштението објавено на платформата Икс се наведува дека ЗНПК во средата го изгуби напојувањето со струја преку 330 киловолтен (kV) вод поради оштетување поврзано со воениот судир, принудувајќи ја да се потпира на дизел генератори за итни случаи за електрична енергија потребна за ладење на шесте исклучени реактори.

„Тоа беше еден од најдолгите прекини на електричната енергија на локацијата на ЗНПК, што ја истакна екстремната кршливост на електричната мрежа. Тимот на МААЕ ги следеше поправките во близина на ЗНПК“, се наведува во соопштението на МААЕ на Икс, додавајќи дека Агенцијата продолжува да ги следи активностите за поправка на разводната станица на ЗНПК, како и работите за деминирање во конфликтната зона недалеку од ЗНПК за да се овозможи поправки на главниот далновод од 750 kV „Днепровска“, што е затворен од март.

Генералниот директор на МААЕ, Рафаеле Гроси, изрази длабока загриженост поради зголемената воена активност во последните денови и недели, што дополнително ги загрозува клучните принципи на нуклеарната безбедност и укажува на потребата од максимална воена воздржаност во близина на сите нуклеарни постројки.

„МААЕ останува посветена на тоа да направи сè што може за да обезбеди нуклеарна безбедност за време на конфликт“, рече Гроси.