Конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“ ќе го гради вториот дел од автопатот Скопје-Блаце, во должина од 10,5 километри, а изградбата ќе почне летово, информира денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Тој очекува автопатот да биде изграден за 3,5 години. На него ќе има пет тунели, две галерии, 12 мостови, околу 40-тина објекти заедно со помалите.

Според Николоски, изборот на „Гранит“ за изведувач, е сигнал за целиот градежен сектор во државава дека можеме да градиме големи инфраструктурни проекти.

– Почнуваме изградба на нов автопат.  Во текот на ова лето започнува да се гради автопатот Скопје-Блаце. На денешната средба со директорот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу бевме информирани дека е завршена постапката за избор на изведувач за изградба на автопатот Скопје-Блаце. Избран е конзорциум предводен од компанијата Гранит. После подолг временски период една домашна македонска компанија ќе гради голем инфраструктурен проект, изјави Николоски.

Скопје-Блаце, потецира, е исклучително комплексен проект. На него имаме пет тунели, две галерии, 12 мостови или вкупно околу 40-тина објекти заедно со помалите објекти. Тоа е голем инженерски  и градителски потфат. Но, ќе докажеме дека како држава можеме да работиме големи проекти.

– Планираме зведувачот да го заврши овој проект во рок од 3,5 години и за најдоцна 3,5 години да имаме автопатско поврзување од Скопје до Блаце, односно од Македонија до Косово и до Црна Гора. Овој Коридор е исклучително значен зашто Македонија ја поврзува со Косово и со Црна Гора, на дневна основа многу патници поминуваат по него, а со поврзувањето и со Косово и со Црна Гора се отвора уште едно пристаниште за македонскиот бизнис – пристаништето во Бар.  Драго ми е што во соработка со Европската банка за обнова и развој успеавме да го завршиме овој процес, да избереме Изведувач кој што сега треба да почне да работи на терен, изјави Николоски, заблагодарувајќи се за поддршката на Европската банка за обнова и развој, како и на ангажманот на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Од Министерството за транспорт информираат дека по изборот на изведувачот следува завршување на сите административни процедури и обезбедување на соодветни банкарски гаранции за да почне  и изведбата на терен и градежните активности.

На средбата на Николоски и Туркменоглу била потврдена, информираат од Министерството за транспорт, одличната соработка помеѓу Владата, Министерството и ЕБОР, при што е изразена заедничка подготвеност за продолжување на партнерството и поддршка на идните инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за државата.

Како што посочуваат од Министерството за транспорт изградбата на автопатот Скопје – Блаце  има големо значење за регионалното поврзување и за унапредување на транспортната инфраструктура, со што Македонија дополнително ќе ја зацврсти својата улога како важна транзитна и транспортна врска во регионот.

Премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со медиумите на почетокот на неделава најави дека по завршување на сите жалбени постапки се очекува градежните работи за автопатот Скопје-Блаце да почнат на крајот на месецов или на почетокот на седниот месец.

Автопатот Скопје-Блаце е во вкупна должина од 12,5 километри, а од мај 2020 година на терен се одвиваат активности за првата фаза, во должина од 2,5 километри.

Фото: Министерство за транспорт