Светското првенство во 2026 година едвај започна, а веќе е испишана историја, но на негативен начин. Како што ексклузивно пренесува угледниот спортски медиум „Ди Атлетик“ (The Athletic), Фудбалската федерација на Тунис донела дефинитивна одлука да му врачи отказ на селекторот Сабри Ламуши (54), и тоа по само еден одигран натпревар на Мундијалот!

Со ова, Ламуши ќе стане првиот предводник во историјата на Светските првенства кој добил отказ по само 90 минути игра на турнирот. Причината е катастрофалниот дебакл од Шведска со 1-5 на стадионот во Монтереј, Мексико.

Ламуши, кој го презеде Тунис пред само пет месеци (во јануари 2026 година) на местото на Сами Трабелси, имаше очаен мандат – забележа само една победа (против Хаити 1-0) на пет натпревари, претрпувајќи дури три порази, вклучувајќи го и бламажот од 0-5 против Белгија во подготвителниот период.

„Ова е тежок и болен пораз. Да се започне натпреварувањето на ваков начин е навистина тешко. Против шведските напаѓачи кои се од светска класа (Ѓокереш и Исак) едноставно нема враќање ако правите толку индивидуални грешки. Мораме да реагираме и да покажеме подобро лице“, изјави Ламуши пред да му биде соопштена одлуката за отказ.

Иронијата да биде поголема, два гола за Шведска постигна Јасин Ајари, фудбалер чиј татко е со туниско потекло.

„Нема тактика, нема структура, ова е историски срам!“

Навивачите на Тунис се гневни и во шок од прикажаното на теренот. Омар Белгит, долгогодишен навивач на репрезентацијата, во изјава за „Ди Атлетик“ не бираше зборови за да го опише колапсот.

„Ова е најлошиот мундијалски пораз на Тунис во историјата! На теренот немаше никаква тактика, никаква структура, ниту идентитет – само чист хаос. Играчите изгледаа изгубено и надвор од своите позиции. Секоја одлука на селекторот беше погрешна од првата до последната минута“, вели револтираниот навивач, но додава дека вината не е само кај Ламуши: „Одговорноста оди до самиот врв. Проблемот е кај луѓето кои воопшто го назначија и дозволија ова да се случи. Системот постојано ги повторува истите грешки“.

Дежа ву: На Тунижаните ова не им е првпат

Ова не е првпат Тунис да прави радикални потези среде турнир. На Светското првенство во Франција во 1998 година, федерацијата го отпушти тогашниот селектор Хенрик Касперчак по поразите во првите две кола од Англија и Колумбија. Исто така, ова е втор отказ за селектор на Тунис во оваа 2026 година, откако Трабелси беше сменет во јануари по елиминацијата на Африканскиот куп.

И покрај тоталниот колапс во соблекувалната и најавениот бунт меѓу играчите, Тунис ќе мора експресно да најде привремено решение, бидејќи веќе на 21 јуни ги очекува дуелот со Јапонија, а на 26 јуни пресметката со Холандија во рамките на групата Ф.