Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека воената кампања на Израел против Иран го спречила Техеран во блиска иднина да дојде до нуклеарно оружје и ја отстранила егзистенцијалната закана за еврејската држава, пренесе ДПА.

– Ја спасивме државата Израел од заканата од нуклеарно уништување – рече Нетанјаху.

Без обемните воени операции спроведени заедно со САД, „Иран веќе ќе поседуваше нуклеарни бомби“, изјави израелскиот премиер, додавајќи дека милиони израелски граѓани би биле изложени на смртоносна опасност. Според него, воената кампања ја отстранила таа закана за повеќе години нанапред.

Техеран ги отфрла обвинувањата дека се стреми кон развој на нуклеарно оружје, инсистирајќи дека неговата нуклеарна програма има исклучиво цивилна намена.

Нетанјаху повтори дека никогаш нема да дозволи Иран да дојде до нуклеарно оружје.

– Со или без договор, Иран нема да има нуклеарно оружје – изјави тој, додавајќи: „Додека сум премиер на Израел, тоа нема да се случи“.

Тој, исто така, нагласи дека кампањата на Израел против Иран и неговите регионални сојузници не е завршена. Израелските сили ќе останат во „безбедносните зони“ во Газа, Јужен Либан и Сирија онолку долго колку што е потребно, рече Нетанјаху.

Прашан за наводните несогласувања со американскиот претседател Доналд Трамп, Нетанјаху одговори дека двајцата лидери не секогаш имаат идентични ставови.

– Јас сум одговорен за безбедносните интереси на Израел – истакна израелскиот премиер.

Нетанјаху исто така најави дека има намера да се кандидира на парламентарните избори закажани за крајот на годината, и покрај критиките за начинот на кој се води војната на Блискиот Исток и нејзините последици.

– Ќе се кандидирам на изборите и имам намера да победам – изјави долгогодишниот израелски лидер на прес-конференција, што е негово прво јавно обраќање откако Вашингтон и Техеран постигнаа договор за прекин на војната во регионот.

Сепак, многу детали од договорот сè уште не се објавени, забележува ДПА.

– Сè уште не знаеме како точно ќе изгледа договорот – рече Нетанјаху.

Во Израел, договорот беше критикуван главно од опозициските политичари, кои го оценија како капитулација пред Иран.