Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека предложил средба со рускиот претседател Владимир Путин на маргините на самитот на Г7 во Франција оваа недела, но оти Москва ја одбила идејата.

– Пред почетокот на самитот на Г7, јасно ставивме до знаење дека сме подготвени да се сретнеме со Путин за време на самитот, со оглед на тоа што таму ќе бидат присутни и (американскиот претседател Доналд) Трамп и (францускиот претседател Емануел) Макрон – им изјави Зеленски на новинарите во Киев.

Тој ги даде овие изјави додека ја прегледуваше штетата на главната катедрала во манастирскиот комплекс Печерска Лавра по големиот руски воздушен напад.

– Европејците плус Америка – тоа е многу добра можност за заедничка средба, и токму затоа можевме да ја поканиме и Русија – ја пренесува новинската агенција Интерфакс-Украина изјавата на Зеленски.

Според Зеленски, и САД и европските членки на Групата седум водечки демократии се согласиле со предлогот, но Русија „уште еднаш покажа дека не е подготвена да разговара за ова“.

Засега нема веднаш потврда од земјите на Г7 дека таква иницијатива воопшто била покрената, пренесе ДПА и додаде дека овие коментари се чини дека имаат за цел да го зголемат притисокот врз Кремљ. Средба меѓу Зеленски и Путин би била тешка за организирање во толку краток рок.

Путин претходно изјави дека би се сретнал со Зеленски само во Москва или како дел од конечното решение на конфликтот, перспектива која и понатаму изгледа далечна по повеќе од четири години од почетокот на војната на Русија против Украина.

Групата седум – Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД – од денеска се состанува во францускиот град Евијан на Женевското Езеро.