Европската Унија нема да ги ублажи санкциите против Иран без конкретни политички промени, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

– Принципот на санкциите е дека ни се потребни реални промени на теренот пред воопшто да размислуваме за нивно укинување – рече Фон дер Лајен, непосредно пред почетокот на самитот на-7 во Евијан ле Бен, Франција.

Таа одговараше на прашање во врска со можноста за олеснување на санкциите по рамковниот договор постигнат меѓу САД и Иран со цел прекин на војната.

Фон дер Лајен нагласи дека санкциите се воведени за да предизвикаат промени во однесувањето и дека можат да бидат укинати доколку таквите промени се покажат како веродостојни и трајни.

– Но, точно е и обратното – рече таа, забележувајќи дека Европската Унија му воведе санкции на Иран како за кршење на човековите права, така и за ширење на оружје за масовно уништување.

Како резултат на тоа, економските санкции поврзани со нуклеарните активности на Иран би можеле да бидат укинати независно од санкциите воведени поради кршење на човековите права, пренесе ДПА.

Меѓу мерките за кои Техеран веќе долго време бара олеснување се санкциите што го спречуваат извозот на сурова нафта, нафтени деривати и природен гас во Европската Унија.

Засегнат е и широк спектар на други сектори, вклучувајќи ги трговијата, банкарството и транспортот. Многу од тие ограничувања беа воведени во рамките на Обединетите нации со цел да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје.

Покрај тоа, Европската Унија воведе санкции за ирански организации и поединци обвинети за поддршка на руската војна во Украина и за вмешаност во сериозни кршења на човековите права.