Гувернерот на Калифорнија од Демократската партија, Гевин Њусом, изјави дека американското Министерство за правда покренало истрага против него и неговата сопруга.

„Денес јас и мојата сопруга се најдовме на ‘црната листа’ на Доналд Трамп. Тој му наредил на Министерството за правда да не проверува. Не пронашле никакво кривично дело – едноставно се обидуваат да најдат такво“, напиша Њусом во објава и видео-порака на социјалните мрежи.

Тој додаде дека не е цел на истрага поради неговите критики кон Трамп на Интернет, туку затоа што размислува за можна кандидатура на претседателските избори.

Њусом не прецизираше за какви обвиненија станува збор. Американското Министерство за правда засега не ги има коментирано таквите тврдења.

Според гувернерот, истражителите произволно прегледуваат по документацијата, а предмет на истрагата е и неговата сопруга, Џенифер Њусом.

„Трамп може да ме вознемирува, да ме истражува и да ме стави на својата листа на непријатели. Оставете ги мојот живот и моето семејство надвор од вашата лична одмазда“, објави Њусом.

Како гувернер на Калифорнија, Њусом раководи со најнаселената и економски една од најмоќните американски сојузни држави. Тој во изминатите години стана еден од најгласните критичари на политиката на Трамп.