Во рамки на активностите за подигнување на јавната свест за значењето на донирањето органи, медицинската сестра Каролина Ѓорѓиовска од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) ја истакна важноста на трансплантацијата како чин на врвна хуманост и солидарност во видео обраќањето, во рамки на националната кампања за подигнување на свесноста за органодарителство и трансплантација.

-Заедно со колегите од анестезија и интензивно лекување учествуваме во процесите на експлантација и трансплантација на органи од починати донори. Тоа е исклучително благородна работа која овозможува нова шанса за живот на пациентите што чекаат трансплантација“. Најголемата награда за нас е кога пациентот ќе ја напушти болницата здрав и со нова надеж. Токму затоа, упатуваме апел до граѓаните да ја препознаат важноста на органодарителството и да го поддржат овој хуман чин, порача Ѓорѓиовска.

Таа нагласи дека зад секоја успешна трансплантација стои посветен мултидисциплинарен тим кој работи со една цел – спасување и подобрување на човечки животи.

Трансплантациските тимови остануваат посветени на унапредување на трансплантациската медицина и на промовирање на свесноста за значењето на донирањето органи како чин што дарува живот.

Министерот за здравство, Азир Алиу вели дека посветеноста на медицинските тимови ќе биде поддржана и со новата законска рамка со која се регулира трансплантацијата.

-Предлогот законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, кој е во финална владина процедура, овозможува секој граѓанин јасно да ја изрази својата лична волја за органодарителство, таа да биде евидентирана и соодветно почитувана, истакнува Алиу.