Социјалистичката партија на Македонија внимателно ги следи расправата и претстојното гласање во Европскиот парламент за Извештајот за напредокот на Република Македонија. Притоа, изразуваме сериозна загриженост поради континуираните обиди билатералните историски и идентитетски прашања да бидат наметнувани како услов за европската интеграција на државата.
Особено загрижува фактот што бугарските европратеници и политички претставници и понатаму настојуваат преку институциите на Европската Унија да пласираат еднострани и историски необјективни толкувања за македонскиот народ и македонскиот јазик. Наместо европска дебата заснована врз факти, вредности и почитување на различностите, сведоци сме на обиди за политичка инструментализација на историјата и на наративи кои не кореспондираат со современите научни сознанија и со принципите на академската слобода. Таквите настапи не придонесуваат за добрососедство и меѓусебна доверба, туку создаваат дополнителни поделби и ја поткопуваат европската идеја за рамноправност на народите и државите.
Последните интервенции и амандмани поврзани со работата на Заедничката историска комисија, како и инсистирањето на формулации што ја релативизираат историската и јазичната посебност на македонскиот народ, претставуваат уште една потврда дека политичките структури во Бугарија продолжуваат да ја користат европската агенда за остварување национални и асимилаторски цели кои не се во духот на европските вредности. Европската Унија не смее да биде инструмент за историски ревизионизам, ниту простор во кој една држава-членка ќе го оспорува идентитетот, јазикот и историскиот континуитет на својот сосед.
СПМ оценува дека историските прашања мора да останат предмет на слободно научно истражување, а не средство за политички притисок. Особено значајно е што бројни меѓународно признати научници ја потврдуваат самобитноста и историскиот развој на македонскиот јазик. Во таа насока, посебна тежина имаат истражувањата на чешката славистка и македонистка Зденка Рибарова, чија научна работа за старословенските и македонските ракописни споменици претставува значаен придонес во проучувањето на корените и историскиот континуитет на македонскиот јазик, која недвосмислено го афирмира македонскиот јазик како основа на сите останати словенски народи. Научните факти, лингвистичките истражувања и богатото книжевно наследство недвосмислено сведочат за историскиот развој и самобитноста на македонскиот јазик, поради што секој обид за негово политичко оспорување претставува негирање на научната вистина.
Истовремено, СПМ го поздравува фактот што во европските политики сè појасно се препознава стратешкото значење на Коридорот 10 за економскиот развој, безбедноста и поврзаноста на Европа. Оваа транспортна артерија не е само регионален проект, туку дел од пошироката европска визија за интеграција, мобилност и развој. Република Македонија има клучна геостратешка позиција и претставува природна раскрсница на европските и евро-азиските комуникациски и транспортни текови.
Особено значење има и утрешниот Самит за транспортни инвестиции во Солун, на кој ќе учествуваат европскиот комесар за одржлив транспорт и туризам Апостолос Цицикостас, претставници на Европската комисија, меѓународните финансиски институции и министрите за транспорт од регионот. Фокусот на Самитот е унапредувањето на европските транспортни коридори и поврзувањето на Западен Балкан со европските и медитеранските транспортни мрежи. Токму ова ја потврдува стратешката важност на Македонија како природна раскрсница на Коридорот 10 и како клучна алка во поврзувањето на Европа со Медитеранот, Блискиот Исток и Азија.
Социјалистичката партија на Македонија останува цврсто определена за членство во Европската Унија, но врз основа на принципите на еднаквост, достоинство и заемно почитување. Европската иднина на Македонија не смее да биде условена со откажување од сопствениот национален идентитет, јазик и историско наследство.
Додека одредени политички кругови на нашиот источен сосед продолжуваат да ја злоупотребуваат европската говорница за ширење политички мотивирани интерпретации и за оспорување на неспорни историски, јазични и културни факти, европската реалност покажува дека Македонија е неопходен фактор за стабилноста, поврзаноста и развојот на регионот. Македонија не е предмет на туѓи толкувања, туку држава со свој историски, јазичен и културен континуитет, потврден од науката и меѓународната академска јавност. Како природна раскрсница на Коридорот 10 и европските транспортни правци кон Блискиот Исток и Азија, Македонија претставува незаменлив дел од европскиот простор. Затоа, интеграцијата на Македонија во Европската Унија не е само македонски интерес, туку и европска потреба.
Македонија била, е и ќе остане дел од европското културно и цивилизациско семејство. Нашата европска иднина не може да биде заложник на туѓи националистички агенди, историски ревизионизам или политички уцени. Европа ќе биде поцелосна со Македонија во неа, а Македонија ќе продолжи достоинствено да го брани своето право на сопствен идентитет, јазик и историска вистина.
(Став на Социјалистичката партија на Македонија за гласањето во Европскиот Парламент за Извештајот за напредокот на Република Македонија)




