Не сметам дека можеби тоа е начинот на којшто се водат или се градат едни добрососедски односи. Сметам дека дијалогот е правата формула по којашто треба да се стигне до било какво решение. Можеби овие наративи имаат некоја друга позадина, но нашата цел е навистина да покажеме една стабилност, едно водење на дипломатија со интегритет и со не анализирање или пак прераскажување на нечии изјави коишто практично и не доаѓаат од наши претставници или од наши институции, истакна Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и портпарол на Влада, во гостување во дебатната емисија „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Митева се осврна на реформската агенда и посочи дека државата покажала напредок и исполнување на реформите. Таа додаде дека исплатените средства во делот на Планот за раст се потврда за посветеноста кон реформската агенда.
-Најголемата потврда за она што го говоревме, е онаа прва исплата којашто ја добивме од Планот за раст, каде што навистина предничевме во однос на сите останати земји. Го потенциравме тоа дека навистина сме посветени и дека очекуваме таков да биде резултатот. За среќа на македонските граѓаните тоа се исполни, затоа што тоа е еден показател којшто ние како Влада, пред европските претставници, покажуваме поинаков потенцијал за тоа каков е капацитетот на оваа држава доколку навистина сака да посвети на развој, на раст и на она што значи исполнување на домашна задача и обврска, рече Митева и додаде:
„Очекувам до крајот на јуни да се завршат и оние останати процеси коишто се дел од реформската агенда и повторно да бидеме предводници во делот на исполнување на чекорите, а сето ова ќе биде потврдено со онаа исплата којашто ќе треба да следи, по извештајот, некаде во средина на јуни. Така што времето ќе биде најголема потврда за она што го говориме ние како Влада и најголема потврда за невистините кои се пласирани во јавноста од страна на опозицијата.“




