Лидерот на бугарската ГЕРБ, Бојко Борисов, кого екс претседателот Стево Пендаровски галовно го викаше Љубави,  јавно призна дека Бугарија и по евентуално внесување на Бугарите во македонскиот устав ќе продолжи да ја блокира Македонија се до исполнување на се’ што е соддржано во протоколите кои ги потпиша политичкиот лузер, тогашен МНР, Бујар Османи.

Борисов, како што пишува Курир, со голем ќеф го поздрави усвоениот Извештај за напредокот на Македонија за 2025 година од страна на Европскиот парламент, наведувајќи дека европратениците испратиле јасна порака во поддршка на почитувањето на преземените обврски на европскиот пат на Македонија.

Според него, одлуката на ЕП потврдува дека обидите за заобиколување на договорите меѓу Бугарија и Македонија нема да се толерираат.

-Со својот глас, европратениците од сите групи јасно ставија до знаење дека злоупотребата на европските правила и договори нема да се толерира, објави поранешниот бугарски премиер на Фејсбук.

Борисов се испофали дека по потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство во 2017 година ГЕРБ одиграла клучна улога во „враќањето“ на европската перспектива на Македонија во 2022 година, кога беше договорен таканаречениот европски консензус.

-Благодарение на мнозинството што нашата парламентарна група им го обезбеди на тогашните владетели, Националното собрание ја усвои декларацијата во која јасно се наведени параметрите што подоцна станаа основа за договорениот компромис меѓу Брисел и Скопје. Во оваа смисла, нападот врз Вториот протокол кон Договорот за пријателство и добрососедство беше несоодветен и контрапродуктивен. Поради оваа причина, мило ми е што мнозинството европратеници категорично изјавија дека договорите мора да се почитуваат и дека ќе се спречат обиди за нивно заобиколување преку процедурални трикови, објави Борисов.

Тој нагласи дека бугарската позиција останува непроменета.

-Бугарите мора да бидат вклучени во Уставот на нашиот западен сосед, за да може да го почне својот суштински процес на преговори. За да продолжат овие преговори и Договорот за пријателство и добрососедство и сите негови протоколи мора строго да се спроведуваат, како што всушност е предвидено во европската преговарачка рамка. Сè друго ќе наиде на недоразбирање и широк институционален и јавен отпор, и во Бугарија и во Европа“, јасно и децидно порача Борисов.