Македонија не треба да ја плаќа цената за нечии политички фрустрации, вели словенечката европратеничка со македонско потекло Ирена Јовева за извештајот на Европската Комисија за Македонија.
Јовева вели дека не го поддржува тоа што во текстот се вклучени прашања за идентитетот, јазикот и историските толкувања и дека договорот треба да остане фокусиран на реформите, владеењето на правот и европскиот напредок на земјата.
Изјавата на Јовева доаѓа откако европратениците го изгласаа извештајот во кој се спомнува работата на Заедничката историска комисија меѓу Македонија и Бугарија и протоколите меѓу Македонија и Бугарија, како и концептот на „заедничка историја“, на што имаше бројни реакции во салата во Брисел.
Овој извештај мора да биде извештај за реформите и европската иднина на македонската држава, рече Јовева.
– Оваа земја не е одговорна за опсесијата на некои со нејзиниот јазик или идентитет. Македонците не треба да ја плаќаат цената за политичките фрустрации на другите. Искрено се прашувам: ако овие ‘други’ секој пат продолжуваат да зборуваат повеќе за Македонците отколку за содржината на европскиот напредок на земјава – кој навистина има проблем тука? Очигледно не Македонците. Туку оние што не можат ниту да напишат амандман без Македонци, а потоа ја вложуваат целата своја енергија во некакви објаснувања за тоа кој е кој – рече Јовева пред европратениците.
За неа ваквото однесување претставува необично хоби, пренесува МКД.- Интерпретација на минатото! Што сме ние, историска академија или Европски парламент? Европската Унија е создадена за да можат народите заедно да ја градат иднината, а не за да издава сертификати за постоење на народи. И секако не е создадена на старите национализми да им дава нова, да не кажам модерна европска сцена.




