Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Драган Ковачки, денеска изрази благодарност до граѓаните кои присуствувале на вчерашното одбележување на 36 години од постоењето на партијата, што се одржа на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица.
Ковачки оцени дека присуството на десетици илјади граѓани претставува силна поддршка, но и порака на единство и заедништво. Според него, довербата од народот е најголемата сила и мотив за ВМРО-ДПМНЕ да продолжи да работи за напредокот на Македонија.
„Во изминативе 36 години се соочивме со бројни предизвици, тешки моменти, неправди и разочарувања. Но секогаш кога некој мислеше дека сме ослабени, ние станувавме уште посилни“, истакна Ковачки.
Тој нагласи дека идејата на ВМРО, поставена пред 133 години, живее и денес, а ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, останува политичка организација создадена од народот и за народот.
Во своето обраќање, Ковачки се осврна и на, како што рече, резултатите на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите две години власт. Тој посочи дека се реализирани историски рекордни 1,255 милијарди евра инвестиции, како и силен инвестициски циклус во инфраструктурата.
Според Ковачки, во моментов се реализираат шест нови автопатски решенија кои треба да бидат завршени до крајот на 2027 година, а во наредните десет години се предвидени 10 милијарди евра капитални инвестиции за нови автопати, експресни патишта, железничка инфраструктура и обнова на постојните капацитети.
Тој додаде дека Владата работи на изградба и обнова на студентски домови, доделување ваучери за електронски уреди, поддршка за младите за започнување сопствен бизнис, како и на зголемување на платите и пензиите.
„Работиме на силна економија, а седум квартали по ред бележиме економски раст од над 3 проценти“, рече Ковачки.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека се градат нови градинки, училишта, патишта, здравствени установи и спортски сали, паралелно со враќање на стари долгови во просек од над 2 милијарди евра годишно.
Ковачки порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да води политика на попустливост кога станува збор за националните интереси. Според него, партијата ја презела одговорноста во период кога на граѓаните им биле потребни конкретни решенија, стабилност и надеж.
„Наместо празни ветувања, неизвесност и разочараност, денеска имаме развој, иднина, надеж, проекти и конкретни мерки“, рече Ковачки.
Тој истакна дека со пораката „Македонија забрзува, наша обврска“, ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на иднината на државата, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, посилна економија, повисок животен стандард, нови можности за младите и модерна Македонија која достоинствено чекори кон европската иднина.
„Македонија се исправува чекор по чекор. Сега е време да забрза. Тоа е нашата обврска“, порача Ковачки.




