Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, со земјоделци од велешкото село Иванковци, разговараше за состојбите во земјоделството и проблемите со кои се соочуваат земјоделците производители на пченица и јачмен – се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го објавува интегрално.

Земјоделците посочија дека состојбата е катастрофална, се соочуваат со неизвесност, доцнење на субвенциите, а производствените трошоци кои се драстично зголемени.

Дополнителен проблем е што од Министерството за земјоделство, кое треба да ги следи производствените трошоци и да реагира доколку откупната цена на јачменот и пченица е ниска, нема никаква реакција.

Земјоделците на средбата посочија дека ниту откупната цена на јачменот, ниту на пченицата, не се јавно објавени. Жетвата на јачменот е веќе на средина, земјоделците го предаваат, а не знаат по која цена. На дел им се откупува по 9 денари за килограм,, што за нив значи директна загуба. Претседателот Филипче посочи дека со погубните политики на власта земјоделството пропаѓа.

„Земјоделството пропаѓа. Ако државата не ја пресмета производната цена во соодветно време и да даде помош согласно зголемените трошоци, бидејќи ние не знаеме од сега дека порасна цената на ѓубривата, знаеме од кога почна војната на Блискиот Исток, ако немаме Влада која ќе помогне да се има реална цена, што ќе даде дополнителна субвенција, интервентна мерка, а влијае за да има непречен откуп, како што нема, тогаш вие земјоделците сте оставени сами на себе“, рече Филипче.

На средбата Филипче посочи дека СДСМ има план за развој на земјоделството, според потребите на земјоделците, како и план кој го цени трудот на земјоделците.

„Прво, соодветна производна цена по јавна и јасна методологија, за да се знае колку е трошокот. Ако остане неоткупен производ, државата да води грижа за тоа. Потоа окрупнување на земјиштето, намалување на земјоделска такса од 2%, средување на состојбата со каналите за наводнување, педолошки анализи на почва и друго и сето тоа да биде стратегија за развој на земјоделството, но да бидеме искрени, сето тоа се прави со помош од ЕУ“, рече Филипче.

фото: Центар за комуникации со јавноста СДСМ