Кога сме подолг период изложени на стрес, доаѓа до промени во лачењето на кортизолот и другите стресни хормони. Тоа може да доведе до нарушување на имунолошката рамнотежа и до несоодветен одговор на имунолошкиот систем. Токму поради тоа, кај одредени лица може да се активираат или влошат автоимуни заболувања, нагласува во интервју за МИА проф. д-р Емилија Секулоска, директор на Универзитетска клиника за ревматологија во Скопје.
– Покрај ревматските заболувања, стресот е поврзан со анксиозност, депресија, нарушувања на спиењето, покачен крвен притисок, срцеви заболувања, дигестивни нарушувања и метаболни проблеми. Денес се смета дека хроничниот стрес е значаен фактор кој влијае врз целокупното здравје – истакнува Секулоска.
Најчестите предупредувачки знаци дека стресот веќе почнал сериозно да му штети на нашето здравје, како што подвлекува д-р Секулоска, се хроничен замор, несоница, раздразливост, намалена концентрација, главоболки, промени во апетитот, чувство на постојана напнатост и намалена работна способност.
– Доколку овие симптоми траат подолг период, неопходно е да се побара стручна помош – советува Секулоска.
Живееме во стресно време во кое што стресот е причина за многу заболувања. Што покажуваат искуствата, колку стресот може да биде тригер за автоимуни болести?
– Стресот сам по себе не е директна причина за појава на автоимуна болест, но, може да биде значаен тригер кај лица со одредена предиспозиција. Во ревматологијата често слушаме од пациентите дека првите симптоми се појавиле по значителен психички или физички стрес – загуба на близок човек, развод, сериозна болест, финансиски проблеми или продолжен професионален притисок.
Хроничниот стрес влијае врз имунолошкиот систем преку хормоните на стресот и може да доведе до нарушување на нормалната имунолошка регулација. Тоа не значи дека секој човек изложен на стрес ќе развие автоимуна болест, но, кај одредени лица, стресот може да придонесе за појава или влошување на болеста.
Дали позитивниот стрес постои и дали секој стрес е штетен?
-Не секој стрес е штетен. Постои таканаречен „позитивен стрес“, кој краткорочно нè мотивира, ја подобрува концентрацијата и ни помага подобро да се справиме со секојдневните предизвици. Проблемот настанува кога стресот станува хроничен и организмот со недели, месеци или години, останува во состојба на постојана напнатост. Тогаш започнуваат негативните ефекти врз здравјето.
Како стресот влијае врз имунолошкиот систем?
– Кога сме подолг период изложени на стрес, доаѓа до промени во лачењето на кортизолот и другите стресни хормони. Тоа може да доведе до нарушување на имунолошката рамнотежа и до несоодветен одговор на имунолошкиот систем. Токму поради тоа, кај одредени лица може да се активираат или влошат автоимуни заболувања.
Кои се најчестите ревматски и автоимуни заболувања кај кои забележувате поврзаност со стресот?
– Најчесто станува збор за ревматоиден артритис, системски лупус еритематозус, псоријатичен артритис, анкилозантен спондилитис и други системски автоимуни заболувања. Кај овие пациенти честопати забележуваме дека периодите на зголемен психички товар се поврзани со влошување на симптомите и активирање на воспалителните процеси.
Кои се најчестите болести што може да се појават или да се влошат по стресни ситуации?
– Покрај ревматските заболувања, стресот е поврзан со анксиозност, депресија, нарушувања на спиењето, покачен крвен притисок, срцеви заболувања, дигестивни нарушувања и метаболни проблеми. Денес се смета дека хроничниот стрес е значаен фактор, кој влијае врз целокупното здравје.
Дали стресот може да предизвика болки во зглобовите и мускулите кај лица кои немаат ревматска болест?
– Да. Стресот често предизвикува зголемена мускулна напнатост, особено во пределот на вратот, рамениците и грбот. Кај некои лица тоа се манифестира со болки во мускулите и зглобовите, чувство на вкочанетост и намалена физичка издржливост. Затоа секоја долготрајна болка треба да биде соодветно проценета од лекар.
Како да препознаеме дека стресот веќе почнал сериозно да му штети на нашето здравје?
– Најчестите предупредувачки знаци се хроничен замор, несоница, раздразливост, намалена концентрација, главоболки, промени во апетитот, чувство на постојана напнатост и намалена работна способност. Доколку овие симптоми траат подолг период, неопходно е да се побара стручна помош.
Кои симптоми треба да бидат аларм за преглед кај ревматолог?
-Долготрајна утринска вкочанетост, оток на зглобовите, болки кои траат со недели или месеци, необјаснив замор, покачена температура без јасна причина и болки во долниот дел на грбот кај млади лица, се симптоми, кои не треба да се игнорираат. Раната дијагноза е клучна за успешен третман.
Дали ревматските заболувања се болести само на постарите лица?
– Не. Тоа е една од најголемите заблуди. Многу ревматски заболувања започнуваат во најпродуктивниот период од животот, помеѓу 20 и 50 години. Постојат и форми кои се јавуваат кај деца и адолесценти.
Постојат ли податоци кои ја потврдуваат поврзаноста меѓу стресот и автоимуните заболувања?
– Во Македонија сè уште немаме доволно национални податоци кои би го измериле директното влијание на стресот. Сепак, светските истражувања покажуваат дека лицата изложени на хроничен стрес имаат поголем ризик за појава и влошување на автоимуни заболувања. Нашите клинички искуства се во согласност со овие наоди.
Дали модерниот начин на живот придонесува за пораст на ревматските заболувања?
– Современиот начин на живот носи бројни ризик фактори – физичка неактивност, дебелина, недоволен сон, пушење и хроничен стрес. Сите овие фактори можат негативно да влијаат врз здравјето на зглобовите и имунолошкиот систем.
Дали децата и младите денес се повеќе изложени на стрес?
– За жал, да. Социјалните мрежи, образовниот притисок, дигиталната зависност и брзото темпо на живот создаваат нови извори на стрес кај младите. Затоа е потребна поголема едукација за менталното здравје и здравите животни навики уште од најрана возраст.
Дали временските услови навистина влијаат врз ревматските пациенти?
-Многу пациенти чувствуваат промени во симптомите при промена на времето, особено при зголемена влажност и промени на атмосферскиот притисок. Нашето клиничко искуство покажува дека кај дел од пациентите, овие фактори можат да влијаат врз интензитетот на болката.
Може ли исхраната да помогне кај ревматските заболувања?
– Исхраната не е лек, но, е важен дел од целокупниот третман. Медитеранскиот начин на исхрана, богат со овошје, зеленчук, риба, маслиново масло и јаткасти плодови, може да придонесе за намалување на воспалителните процеси и подобрување на општата здравствена состојба.
Дали пациентите треба да мируваат или да вежбаат?
– Соодветно избраните вежби ја подобруваат подвижноста, ја намалуваат болката и помагаат во одржување на мускулната сила. Секако, активноста треба да биде прилагодена на состојбата на секој пациент.
Што им препорачувате на пациентите за справување со стресот?
– Целосно избегнување на стресот не е можно, но, можеме да научиме подобро да управуваме со него. Редовната физичка активност, доволниот сон, здравата исхрана, социјалната поддршка и техниките за релаксација, се меѓу најефикасните начини за зачувување на психичкото и физичкото здравје.
Колку денес се успешни терапиите за ревматски заболувања?
-Во последните две децении, ревматологијата направи огромен напредок. Со современите биолошки и таргетирани терапии, кај голем број пациенти успеваме да постигнеме ремисија или значително намалување на активноста на болеста, што им овозможува нормален и продуктивен живот.
Кој е најголемиот мит за ревматските заболувања?
– Дека болката во зглобовите е нормален дел од стареењето. Тоа не е точно. Долготрајната болка никогаш не треба да се игнорира. Раното препознавање и навременото лекување можат да спречат сериозни оштетувања и инвалидитет.
Дали пушењето цигари може да биде тригер за автоимуни болести?
– Да, пушењето цигари е еден од најзначајните фактори од надворешната средина кој доведува до појава или влошување на автоимуните болести. Димот на цигарите содржи многубројни хемиски соединенија кои го зголемуваат воспалението, предизвикуваат оштетување на клеточно ниво и ja нарушуваат нормалната функција на имуниот систем. Низа научни студии го поврзуваат пушењето со појава или пак со влошување на повеќе автоимуни болести, како што се ревматоидниот артритис и системскиот лупус. Ревматолозите ги советуваат своите пациенти – пушачи, да прекинат со пушењето, бидејќи на тој начин, ќе бидат помалку изложени на акутни влошувања – егзацербации на нивната автоимуна болест.
Која е вашата порака до граѓаните?
– Здравјето не треба да го ставаме на последно место. Доколку треба да издвојам три работи што секој човек може да ги направи уште денес, тоа би биле: да обезбеди доволно сон, да биде физички активен секој ден и да најде време за себе и за луѓето кои му значат. Токму овие едноставни навики се најдобрата инвестиција во здравјето на зглобовите, имунитетот и целиот организам.
Блаже ДАРУДОВ за МИА




