На Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид утрово слета првиот авион на „Аустријан ерлајнс“, со што официјално почна да функционира новата редовна авиолинија меѓу Виена и Охрид, соопшти министерот за транспорт Александар Николоски.
Новата линија ќе сообраќа двапати неделно, секој четврток и недела, со што Охрид и охридскиот регион добиваат директна воздушна врска со австриската престолнина.
Според Николоски, воведувањето на линијата е значајно за развојот на охридскиот аеродром, имајќи предвид дека аеродромот во Виена претставува еден од најважните воздушни центри во Централна и Источна Европа.
Преку Виена, на патниците ќе им бидат достапни повеќе од 200 конектинг-летови кон 66 држави во Европа, Северна Америка, Азија и Африка.
Министерот посочува дека дополнително значење има и фактот што линијата ја оперира „Аустријан ерлајнс“, што, според него, претставува потврда за сериозноста на инвестицијата и за квалитетот на услугите што ќе им бидат понудени на патниците.
Со отворањето на новата линија, од охридскиот аеродром се реализираат вкупно 16 авиолинии, од кои 13 редовни и три чартер-линии.
Од Министерството очекуваат директната врска со Виена да придонесе за привлекување поголем број странски туристи, нови инвестиции и за економски развој на Охрид и поширокиот регион.
Николоски информира дека како резултат на владините мерки за поддршка досега се отворени 28 нови авиодестинации. Стратешка определба на Владата, како што наведува, е целосно искористување на капацитетите на меѓународните аеродроми во Скопје и Охрид, преку проширување на мрежата на дестинации, привлекување нови авиокомпании и подобрување на услугите за патниците.
Паралелно се спроведува и целосна реконструкција на охридскиот аеродром, која треба да овозможи подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите и создавање услови за натамошен раст на бројот на летови и патници.
Целта е во текот на годинава преку двата македонски аеродроми да бидат опслужени повеќе од 3,5 милиони патници, а во наредните години бројката да надмине четири милиони патници.
Според Николоски, финансиската поддршка за привлекување нови авиокомпании и отворање нови линии треба да им овозможи на граѓаните полесно и побрзо патување до европските метрополи, но и да придонесе за развојот на економијата, образованието, културата, здравството и туризмот.




