Димитрие Дурацовски ретко доаѓа во Скопје. Доаѓа кога има нова книга. И секој пат, публиката е таму. Не од учтивост, туку со љубопитност и восхит што не попушта низ годините.

Овој пат поводот е „Понекогаш се враќаат”, неговиот нов роман во издание на „Арс Либрис”, дел од „Арс Ламина – публикации”. Втор роман во последните две години, по „Околу три по полноќ”, кој пак, се појави по цела деценија молчење. Образецот е познат: Дурацовски се повлекува, потоа се враќа, но, како што вели македонската литературна критика, неговото враќање вреди за секоја минута чекање.

Роден во 1952 година во Струга (каде што и денес живее), тој е една од најавтентичните фигури во современата македонска култура, како писател и сликар, нешто кое ретко се среќава во еден човек на овие простори. Преку книжевната група „Петти круг” воведе борхеовски идеи во домашната литература, во време кога тоа не беше нешто очекувано. И припаѓа на „петтата генерација” автори, групацијата која во 1980-тите ја преобрази македонската проза со постмодернистичките постапки.

Како сликар интензивно творел до 1987 година, а потоа замолчел четири децении, се додека во 2023-та не се организираше ретроспективна изложба која ги поврза неговите слики со книжевното дело. Првиот расказ што го напишал носи ист наслов како и неговата слика, „Мебиусова лента”. Што ќе рече, нему сликата и текстот никогаш не му биле два различни јазика.

Автор е на извонредните збирки раскази „Тајна историја” и „Црни пророци”, и на наградените романи „Инсомнија” и „Бледи сенки, далечни гласови”. Двократен добитник е на „Рациново признание” и носител на државната награда „11 Октомври” за животно дело.

Сега, со „Понекогаш се враќаат”, Дурацовски повторно ни нуди свет во којшто куќата паметува повеќе од луѓето кои што живеат во неа, каде што сеќавањата се враќаат дури и кога не сме ги повикале.

Вашата прва збирка раскази „Тајна историја” излезе во 1986 година. Кој беше тој млад човек тогаш и колку од него останало денес?

-Ох, тоа двојство кое ме следи цел мој живот, се преврте таа 1986 година нешто во мене, но тоа само ме детерминираше тогаш. Јас пет години учев сликарство кај Родољуб Анастасов, од 1970 до 1975 година во Уметничката школа во Скопје. Кога завршив се вратив дома во Струга, бидејќи во Скопје немаше ликовна академија, а мене не ми се одеше никаде подалеку од Скопје.

Уште во текот на школувањето интензивно сликав, кога се вратив дома уште повеќе, направив сликарско ателје и сликав деноноќно, си легнував кога ќе изгрееше сонцето, на исток ми беше прозорецот во ателјето, ќе се поздравевме со сонцето и ќе си легнев, изморен, но задоволен. Имав дваесет и неколку години, ништо не ми беше тешко, најмалку пак целодневното сликање. Сомнабулно (месечарски, како во сон, нов.заб.) сликав, имав сјајни идеи, тогаш кај нас беше силно влијанието на Мазев и на таа некаква апстрактна експресија, Перчинков се издвојуваше од тој бран, и Анастасов, Луловски, но главно апологетски беше во прв план Мазев со неговиот допир, посебно меѓу младите сликари.

Моите идеи беа сосем нешто друго, фигурација и некаква фантастика блиска на Медијалата во Белград која во шеесеттите и седумдесеттите години беше во страотен подем. Кај нас тоа немаше влијание, мене ателјето ми беше преполно со концепти, цртежи во кои ги барам тие точки на потпора како точката Омега на Тејар де Шарден или знакот Кадис на Леонид Шејка. Бев далеку од она како што се замислува класичен сликар, палета во левата, четка во десната рака, обоен со сите возможни бои, мирис на терпентин.

Но да не должам, тој интелектуализам во моето сликарство не беше препознаен, тоа беше таа концептуална уметност, изложбата што ја имав во Скопје во 1977 година помина бедно, никој не пишуваше за неа, беше речиси непосетена, а јас се чувствував мизерно. Имав 25 години и бев очаен од тоа непрепознавање. Но за сето тоа време имав контакти со пријатели низ Југославија со кои одлично комуницирав и се разбирав. Овде со никого.

Во Струга штама, осамен, немаш со кого да разговараш на тие теми, тоа навистина беше сликарство, но тоа беше многу блиско до литературата. Некако неосетно тоа почна да се вкрстува и еден ден го напишав мојот прв расказ, се викаше „Мебиусова лента“ бидејќи имав една слика со истиот наслов, тоа беше во 1984 година, го испратив на анонимниот конкурс на „Нова Македонија“ и беше награден, дали со втора или со трета награда, не можам да се сетам. Но не пишував редовно, продолжив да сликам.

Идната година пак, напишав расказ, „Хемиска свадба“ пак, доби награда. Мене веќе сликањето почна да ме заморува, она што ќе го замислев како концепт не можев да го изведам онака како што сакав и во 1987 година ја насликав мојата последна слика, тоа се всушност три слики кои составуваат триптих и кои Соња Абаџиева ги изложуваше на нејзината изложба за концептуалната уметност во Македонија. Четките се скоравија, боите се исушија, останаа платната да стојат накрепени на зидовите и јас се простив со сликарството.

Една година пред тоа, 1986-та, ми беше објавена книга во „Млад борец“ со наслов „Тајна историја“, тоа беше, не знам како да го наречам, нешто што немаше некоја класична врска со литература, некакви текстови, концепти, бладања, сонови, но заедно со книгата на Јадранка Владова „Скарбо во мојот двор“, направија еден мал потрес во книжевните кругови кај нас со својата инаквост и необичност.

Неколкумина врсници кои објавивме книги бевме наречени „Петти круг“, некако се препознавме како блиски по сензибилитет, тука беше Елизабета Шелева како теоретичар која ја артикулираше таа наша активност , потоа Сашо Прокопиев, Христо Петрески, пишуваа некакви манифести, Сашо Антиупатства, а во тој петти круг беа вбројувани и Драги Михајловски, Јордан Даниловски иако, отстрана. Имаше околу тој круг и други, посебно студенти. И сега условно, од таа година кога излезе книгата, ме сметаат за писател.

Долги години се чувствував по малку неудобно, некако незгодно ми беше кога ќе си помислев дека некој ме смета за писател покрај оние етаблираните, ама помина и тоа чувство, само никогаш не се навикнав, до ден денешен, јавно да се појавувам и настапувам. Од 1986 година кога го направив тој чекор ни за милиметар не ми се промениле ставовите, но со течението на годините сум го менувал стилот на пишување, начинот на раскажување, од оние првични експерименти до сегашниот начин на изразување.

Но времето го направи своето, тогаш ја внесовме таканаречена постмодерна која полека се изгуби некаде по патиштата што сум ги изодувал, до ден денешен кога веќе тоа што го пишувам е едноставно проза, раскажување приказни. Годините си го прават своето со искуствата кои ги носат промените, но секогаш кога ќе се сетам на тие времиња на литературни експерименти ме обзема меланхоличен бран на носталгија и понекогаш ми се враќаат тие лица од тие стари времиња.

Живеете и работите во Струга цел живот. Градот се појавува во Вашата проза и напишавте дека „наликува на излупен бел бадем”. Дали провинцијата е ограничување или услов за пишување?

-Кога сме веќе кај провинцијата и ограничувањето, уште во 2000-та напишав некаде кон крајот на „Инсомниа“: „Ограничен живот. Локален живот. Се живее со она што го носи денот. Работа. Семејство. Дејствување. Некако да се преживее. Конкретна егзистенција. Тоа измачува и привлекува истовремено… Ох, тоа ограничување, колку го посакувам. Вселената веќе ми здосади“.

Тоа би можело да биде кус одговор на вашето прашање ,но јас мојата Струга многу си ја сакам и можам само да претпоставувам какви убавини видела Ребека Вест кога била во Струга пред 90 години, дојдена од Менхетн,  стоела на мостот  над Црн Дрим и ја гледала бистрата река како тече и околните живописни мали бели и жолти куќи, целата обвиена со багреми и плачиврби, мора да било посебно тоа чувство штом рекла дека Струга и „наликува на излупен бел бадем“.

Таква беше таа Струга која ја паметам како дете во педесеттите години, сѐ до крајот на векот кога се збриша тој живописен лик на идиличен град и се создаде еден монструм, но тоа всушност, се случи насекаде низ Македонија со доаѓањето на катастрофалната транзиција.

Отсекогаш сум се чувствувал удобно во нашата мала провинција, како на интроверт тоа ептен ми се погоди, сѐ ми е при рака, не сакам гужви ниту големи собирања, куќите се мали, мали се и улиците, што да се каже пак за оние тесни калдрмисани сокачиња низ кои секојдневно талкавме неуморно со другарите, во некои стари времиња. Сѐ е токму по мерка на човек. Некогашниот мир и тишина сега е нарушен со грди градби и врвулица на луѓе, така што сум принуден на дефанзива, повлечен дома и две излегувања да се напијам кафе и да се видам со другарите, истите оние што сме заоделе заедно прво одделение.

Неспоредлив е животот овде со животот во метропола и тоа многу ми одговара. Инаку, може да се пишува секаде каде што човек живее и каде што ќе се најде, но не може кога ќе ти текне да го гледаш пред тебе широкото синило  на Езерото и спокојот кој го носи со ветерот кој доаѓа од јужните предели некаде сртовите над Свети Наум. Божествен пејзаж, волшебен. Во секој миг можам да го гледам, да седам до водата на некоја клупа и да си правам приказни во главата, и така со часови. Со ништо и никогаш не би го менувал ова што го имам.

Сега сум слабо подвижен и ретко одам таму. Да ви кажам, ми беше понудено 1978 година да ме испратат на подолг престој во Париз, тоа ми го предложија како опција основачот на белградскиот надреализам и првиот југословенски амбасадор во Париз, Марко Ристиќ и неговата сопруга Шева. Одбив без двоумење да ја заменам минијатурната Струга за светлините на Монпарнас, но овој град во кој живеам за мене беше оној „излупен бел бадем“ кого пролетта 1937 година го виде Ребека Вест стоејќи на мостот над Дрим и тоа го напиша во поглавието „Попладне во Струга“ во својата монументална книга „Црно јагне и сив сокол“.

Струга ја опишувате како „каллива, но топла, удобна и сигурна провинција.” Тоа не е ни пофалба, ни критика. Како се пишува за место кое го сакате и од кое не си одите?

-Па тоа е она двојство за кое зборувам, колку само привлекува. Градот е мал во тие времиња за кои пишувам, правлив, улиците не се асфалтирани, кога одиме на плажа стапалата ни пропаѓаат во прашината, кога паѓаат дилувијални дождови (долготрајни и поројни врнежи, нов.заб.) во есен, сето тоа се претвора во кал во која ни потонуваат чевлите, но ние сме деца, млади и ништо не ни пречи сето тоа, бидејќи знаеме дека светот е наш, оваа мала провинција во која живееме и која ни нуди удобност и сигурност, а очите ни се ширум отворени за чудата кои ни доаѓаат од големиот за нас недофатен свет, а ние сме како сунѓер и сето тоа го впиваме алчно.

О, да, знаеме сѐ што се случува во големиот свет, нашите роднини од Белград ни испраќаат грамофонски плочи во исто време кога излегуваат во Лондон, бидејќи ги набавуваат од стјуардесите на ЈАТ, така што во исто време со нашите англиски или американски врсници ги слушаме „Енималс“, „Бич Бојс“, „Дип Парпл“, „Битлси“, најпосле.

Напишав стотина страници во книгата за тој мој провинцијализам, но тоа ме детерминира само географски, сите нас кутри провинцијалци. Духовно сме се разбира космополити, шетаме низ струшките сокаци и дискутираме во ноември 1963 година за убиството на Џон Кенеди, дали тука има вмешано прсти Џонсон или озлогласениот сенатор Бари Голдвотер.

Имавме по 11-12 години, знаевме сѐ што се случува во светот, за убиството на Патрис Лумумба и за Моиз Чомбе, за белградските студенти кои протестираа пред белгиската амбасада. Слушавме радио, читавме весници, бевме информирани иако живеевме во длабока провинција. За тоа како треба да се пишува за местото кое го сакате и не сакате да си одите, мислам дека го дадов одговорот во книгата, ја опишав Струга вдолж и попреку, нејзините плажи и божествените летни ноќи кога легнати на песокот слушате како плискаат брановите од темното езеро, а на небото кое е како темно кадифе ја гледате белузлавата лента на Млечниот пат посеана со милијарди звезди. Тогаш кога тоа го гледав знаев дека тука ми е местото и дека никогаш од тука нема да си заминам.

Тие божествени летни ноќи останати во мене засекогаш, закотвени  како котва што го држи бродот на пристаништето ме држат мене за оваа Струга. Сега излегувам многу ретко, не ме држат колената, но до пред извесно време кога ќе седев во непрежаленото кафуле „Синема“ на мојата маса, гледајќи ги минувачите, ќе ми дојдеше една мисла на Буњуел кој секој ден во 17 часот го пиел своето кампари во барот во кој секојдневно претстојувал, прашувајќи се: „А што би правел да сум во 17 часот во Њу Делхи, без мојава маса во мојов бар и без мојов секојдневен кампари?“

Дурацовски со книжевната критичарка Оливера Ќорвезироска, својот последен роман и „својата верзија од 1971 година“

„Понекогаш се враќаат” има два краја, еден во книгата, друг на задната корица. Кој крај е вистинскиот и зошто одлучивте дека едниот не е доволен?

-Сјајно прашање. Кога читателот ќе ја земе книгата в раце, прво што ќе погледне е што пишува на задната  корица. Вообичаено некој нешто напишал за содржината, така е скоро со сите книги. Кога ќе го прочита текстот на задната корица на „Понекогаш се враќаат“ читателот ќе си помисли дека чита извадок од книгата. Но не, тоа е стапица, тој текст го нема во книгата, читателот прочитал еден плаузабилен (убедливо, веродостојно, нов.заб.) крај. Намерно велам плаузабилен, бидејќи тој термин објаснува многу нешта. Ако речев еден возможен крај, тоа ќе беше премногу едноставно објаснување. Кога читателот ќе го прочита вториот крај, тој нема само да си рече „ова е можно да се случи“. Тој ќе почувствува дека тој крај е логичен, уверлив, оправдан и соодветен за целата приказна. Тоа значи дека двата краја имаат еднаква тежина и смисла.

И најпосле, нека е кажано и ова кога веќе бладам продолжено и во ова интервју, после толку напишани страници во книгата, едноставно, требаше да се сретнам со Снежана Николиќ во минатата година, која сега е една времешна госпоѓа од седумдесет години, а јас сакав да се сретнам со онаа Снежана Николиќ со која бев таа ноќ под канадската топола во јуни 1971 година, кога таа имаше четиринаесет години па си помислив макар да е тоа и последното што ќе биде направено од мене, па нека се случи тоа и во Lux aeterna, во вечните светлини, оние незалезните во кои верувам дека еден ден ќе ги сретнам сите оние мили ликови кои се спомнати во книгата, кои се истите оние кои биле содржина во мојот величествено сјаен и тмурен живот истовремено, од оние минати стари времиња.

Во новиот роман куќата е централен простор. Дали секој писател во суштина, пишува за ист простор само со различни зборови?

-Точно, куќата е централен простор во романот, таа на некој начин како живо битие ги прегрнува своите жители. Но куќата во литературата ретко е само објект од тули и малтер; таа е, што знам, да се изразам писателски, иако тоа не ми е својствено, би можела да биде метафора за човечката душа, за умот, за минатото или за семејството. Но кај мене не е метафора, далеку било, сѐ што пишувам е жива вистина, и луѓето и имињата и настаните.

Секој писател си има своја ‘пра-тема’ или свој матичен простор од кој не може и не сака да избега. За некој писател тоа е патот кој води некаде, за друг е градот, за некој тоа е селото, зелените ливади, судбините на селаните од некое одредено село, улица во некој урбан простор, голем град, зграда, стан, живеалишта, најпосле луѓето во нив и секој писател тоа го опишува на свој одреден начин, но сепак, сепак, кога би се направила summa на сѐ што е досега напишано, би рекол дека постојат само три суштински теми во уметноста и колку да се различни милионите напишани книги, зборуваат за тие три суштини: за некој кој што оди во војна, за оној кого што го распнуваат и за оние што заминуваат. За мене во овој роман суштинската тема е мојата куќа и оние што заминуваат.

„Понекогаш се враќаат” е сага за една куќа. Дали таа куќа постои или постоела, на некоја конкретна адреса во Струга?

-О, да. Така започнува и книгата, со нејзината изградба на празниот простор на работ на градот западно, а тоа е само стотина метри од центарот, од чаршијата, кога почнаа да се градат нови куќи, тогаш тој простор беше наречен „Ново насеље“, куќата што почна да ја гради татко ми беше една од првите, сето тоа е опишано во книгата, од добивање одобрение од општината па смерници од каков материјал да биде куќата, планови за набавки на материјал, изградба, вселување. Долго време тој простор се нарекуваше „Ново насеље“, за потоа да добие име на улица.

Оваа куќа од оваа книга се наоѓа на улицата „Елпида Караманди“ број 12. Вистинска куќа со вистински ликови кој живееле во неа од времето кога била подигната, до денес. Сега јас овде нема многу да зборувам за куќата, бидејќи целата моја книга зборува за неа и за нејзините жители,за оние кои доаѓале и ги обликувале нејзините празни простори внесувајќи содржини духовни и материјални. Со куќата кога се изгради во неа бевме тројца жители, потоа четворица, потоа тројца, потоа двајца и сега сме таа и јас, сами.

Вашите цртежи биле комбинирани со текстови и прибелешки. Дали кај вас сликата е недовршена реченица или реченицата е слика која не успеала да стане боја?

-Така е, на сите мои цртежи има текстови, тоа се изградени концепти, моја потрага по интегралното, по онаа недофатна точка која ја има кај многумина филозофи, писатели, од точката Омега на езуитот Тејар де Шарден до онаа точка Алеф на Борхес, сите тие го барале несознајното. Имам стотици цртежи на таа тема, но тоа е залудна работа, само потрага по нешто што не можеш да го сфатиш.

Тоа една летна нок 1987 година ја вознемири мојата гостинка во ателјето, хрватската сликарка Нивес Кавуриќ-Куртовиќ која ги анализираше цртежите и ми рече: „Господине, вие сте еден мрачен човек“, а мене тоа многу ме зачуди бидејќи јас сум по природа мирен и тивок човек, но си помислив, којзнае што видела во моите цртежи кои беа сосем спротивни на моите слики, човек да не знае, би рекол дека цртежите и сликите се на двајца различни луѓе.

И сега си мислам, можеби е тоа точно бидејќи јас секогаш сум чувствувал дека покрај мене има уште еден јас. Моите цртежи се едно големо барање на одговор, но тој одговор никогаш не го најдов, сликите ја ширеа таа потрага со колоритноста и просторноста која ја нудеа, тие ја имаат можноста да ги шират димензиите на просторот за разлика од цртежот кој е ограничен, бидејќи во него постои само линија, но во мојот случај сѐ беше залудно – не успеав она што ми беше во главата да го пренесам на хартијата или на платното. Не ми беше целта да сликам слики вакви или онакви, мене ми беше важна потрагата по нешто што го носев во мене, но тоа не успеав да го пренесам, да го извадам од мене.  Затоа во 1987-ма му реков збогум на сликарството, засекогаш.

Речиси четири децении не изложувавте слики јавно. Тоа не е заборав, тоа е избор. Што се случува кога уметникот ќе одлучи да замолчи во една форма?

-Тоа значи дека не успеал во таа форма да се искаже, не ми е нималку непријатно да кажам дека јас сум бил во таа сфера неуспешен. Меѓутоа пазете, тоа беа тие мои проклето високи критериуми, тоа подоцна го насети Соња Абаџиева и мојот триптих со Малевич, Нич и Дишан од тој триптих и делото „Борхес и јас“ ги зеде за изложбата за концептуална уметност во Македонија.

Јас, иако сум голем поборник на провинцијата, овде морам да признаам дека таа и ограничува. Далеку сте од јавноста, не сте им пред очите на критичарите и тие забораваат на вас. Сега се сетив на една смешна ситуација. Ми се јави  со писмо Мирослав Поповиќ, ликовен критичар, во кое ми пишува дека виделе во списанието  „Књижевна реч“ од Белград, мои ликовни прилози и ме канат да учествувам на групна изложба во Скопје која се викаше „Критичарите одбраа“.

Смешни работи. Требаше да видат во Белград  дека во Струга има некој уметник и да го повикаат во Скопје да изложува. Ете, во таква ситуција бев сите тие години на ликовен план со тој мој провинцијализам. Не страдам, фала му на Бога од мегаломанија и баш ми беше гајле.

По толку време, сликите повторно беа пред публика. Националната галерија рече дека „не смеете да бидете заборавен“. Дали уметникот кој молчи четириест години е заборавен или само отсутен?

-Направија сјајна изложба во Чифте амам, тоа беше заслуга на кустосите, но пред се на кустосот Горанчо Ѓоргиeски.  Од 1987-ма делата лежеа во ателјето невидени од никого, скоро 40 години, и може да се рече дека беа заборавени, значи и јас бев заборавен. Но тој Горанчо. од време на време, ќе ме потсетеше на нив и тогаш ми се јави и ми вели правиме изложба, сите твои дела, до последно ливче со цртеж. Мене ми беше сеедно, му реков прави што сакаш не ти се мешам. И ја направи изложбата, дојдоа прво кај мене со фотографот нивен, ги фотографираа сите дела, после таму направија убав каталог во кој ги дадоа сите слики и дел од цртежите. Мое беше само да дојдам.

Дојдовме од Струга, мислам беше 1 септември 2023 година и една убава вечер Влада Урошевиќ ја отвори изложбата со убав текст за неа, галеријата беше преполна со посетители, имаше потоа и доста одгласи во јавноста, беше нешто како откровение. Е, мои кутри слики, си помислив тогаш, требаше да поминат четири децении луѓето да ве видат. Им го оставив таму оној триптихот, последниот, нека е кај нив си реков, дома ќе крепи некој зид, ќе чмае. Оваа изложба покажа дека не сум бил заборавен туку сум бил во доброволен ликовен егзил, некои други сфери ми биле поприоритетни, како пишувањето.

Припаѓате на генерација која во 1980-тите донесе постмодернизам во македонската книжевност. Гледано наназад, беше ли тоа ослободување или нова замка?

-Навистина беше ново тоа што го пишувавме, поинакво од она на генерациите пред нас. Така се погоди, и во светот тогаш беше актуелен тој постмодернизам макар што никогаш не сфатив што е всушност тоа, не ме интересираше како е тоа теориски објаснето, само знаев дека она што го пишував е нешто поинакво од вообичаената книжевна пракса кај нас. Тоа теориски, во нашиот круг го објаснуваше Елизабета Шелева.

Во осумдесеттите години приоритетни беа кратките форми, експерименти, но во 2000 година го напишав романот „Инсомниа“ кое беше прво книжевно дело од тој вид кај нас, беше сјајно прифатено и многу  се пишуваше за него. Тоа како да ми беше, барем мене, последно дело напишано во постмодерен манир, нешто како круна на дотогашните фрагментарни форми во книгите „Тајна Историја“ и „Црни пророци“.

Следната книга  беше некакво бегство од постмодернизмот. Не беше замка, тоа требаше да се изоди, тој начин на пишување но неговото напуштање беше можеби некакво ослободување од тие норми кои ги нудеше постмодернизмот.

Ве опишуваат како „осамен, но интелектуално љубопитен творец.” Дали самотијата е цена или предуслов за она што го правите? И, велите дека самотијата е „засолниште.” Засолниште, од што?

-Па тоа е точен опис, јас сум и осамен и љубопитен . Самотијата ме следи како духовна состојба, но и објективно јас сум сам и кога сум меѓу луѓе сум сам, не се чувствувам најпријатно во големи друштва, на собири, едвај чекам да си се осамам. И дома сум сам, тогаш најубаво се чувствувам, тоа е мојата природна состојба. Самотијата ми е засолниште од сѐ грдо што ме опкружува, можеби се чувствувам само така заштитен, да не бидам на некој начин повреден од нешто непријатно што би ме изненадило.

Мојот последен роман „Понекогаш се враќаат“ е ода и апологија на самотијата, мислам дека бев крајно експлицитен и таму сѐ објаснив без никакви обзири кон себе си.  Многумина ми се јавуваат да ми кажат дека го прочитале романот и дека плачеле. И си мислам, ех кутар Димитрие, што сѐ изнапиша во книгата за да ги расплачеш луѓето, и малку ми е непријатно, ако срониле солзи жалејќи ме. Ама морав да ја напишам книгата таква каква што е, па нека сум и предмет на нечие сожалување.

Носите две „Рацинови признанија” и државна награда за животно дело. Во кој момент наградата значи нешто и во кој момент престанува да значи?

-Добив две Рацинови признанија за моите книги „Инсомниа“ и „Бледи сенки далечни гласови“, тоа беа награди од критичари и писатели. Немам некој посебен однос кон наградите, најмалку мислам на тоа додека ја пишувам книгата, но  убаво е кога се добиваат награди бидејќи во јавноста се зборува за книгите и можеби имаат поголема читаност.

Кога си помлад наградите повеќе ти значат, некако те туркаат да одиш напред, ти даваат елан дека треба да пишуваш повеќе, но и на оние што се на залез, како мене на пример, би ми значеле, зошто да не, тоа значи дека струката проценила дека си напишал добро дело. Државната награда ја сметам како големо признание за она што севкупно сум го дал како автор, во мојот случај на книжевен и на ликовен план.

Вашите дела се преведени на осум јазици. Дали мислите на читателот додека пишувате или тој е некој кој доаѓа подоцна, кога делото веќе не е ваше?

-Кога почнувам да пишувам сум сам со себе си и се преиспитувам за секој збор. Потоа почнувам да мислам што ќе речат кога тоа ќе го прочитаат одредени луѓе, можеби десетина на број, конкретни личности. Тоа го мислам, не мислам на широка читателска публика бидејќи моите дела, ако можам така да кажам се некако херметички, затворени сами во себе, некако нечитливи или неинтересни па си мислам дека нив ги читаат моите домашни и роднини, моите поблиски пријатели и евентуално по некој критичар и можеби некој колега писател.

На што се надевате од иднината?

-Мислев кога ставив точка на книгата дека ова ќе ми биде последно што го напишав, немам што повеќе да кажам. Но мојата другарка Оливера Ќорвезироска, откако го прочита романот ми рече, „никако последен, овој роман содржи уште еден роман – за деца“. Беше ултимативна. Не бев помислил на тоа и тие зборови ме замислија и сега само на тоа мислам, можеби овој роман не е последното што го напишав.

Инаку мене во оваа моја доба која ја имам, иднината ми е скусена, не мислам дека сум од оние што доживуваат длабока старост. И сега ми паѓа на ум една страотна сцена со величествениот Витолд Гомбрович кој на залезот на својот живот направи едно големо интервју –  книга со Доминик Де Ру која се вика „Тестамент“ од 1968 година. Во неа има еден, може да се нарече култен одговор кој го одразува неговиот препознатлив, брутален црн хумор, цинизам и апсолутна логика пред крајот на животот.

Кога Де Ру, обидувајќи се да ја конципира завршната структура на нивните разговори и неговите понатамошни творечки намери, го прашува: „Кои се Вашите планови за иднината?“ (Jakie są Pana plany na przyszłość?) Гомбрович, веќе помирен со сопствената минливост и вечно сомневајќи се во секоја патетика, кратко пресекува со својата „железна логика“: „Гроб.“ (Grób.)

И си велам сега, доаѓа време кога треба да се мисли на заминување, си мислам дека не ги посрамотив блиските, моите внуци и сестра, секогаш бев опкружен со луѓе, а сам, ќе си ја одерам кожата овој пат, па нека боли, за последно, не ми е гајле кој што мисли, немам свои родени деца кои би се срамеле од мене.

Самотијата направи да се преобразам до примордијално ниво на постоење. Ми дојде тоа чувство дека треба да кажам сѐ во романот „Понекогаш се враќаат“, она што како густ талог постоело во мене и сето тоа се излеа одеднаш, деноноќно на тие страници од кои е составена книгата. Тој глас кој го слушав од ноќ во ноќ ми велеше: ќе си заминеш еден ден, а не кажа сѐ. И во целиот тој излеан текст можеби останаа некои партикули во мене, неискажливи, кои ќе си заминат заедно со мене тој ден.

МИА

Фото: приватна архива