СДСМ веќе две години е на власт, не исполнија ништо од ветувањата, а Македонија секој ден станува посиромашна држава. Граѓаните увидоа дека со СДСМ и Заев државата оди назад, поради што се потребни предвремени парламентарни избори заедно со претседателските избори.
Ова се вели во денешното соопштение од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
– Економскиот раст на земјава е најнизок во регионот во период кога светската економија е во подем. Нема просечна плата од 500 евра, нема 100.000 денари плата за лекарите, нема 600 километри автопати, ниту поврат на ДДВ од 15% за граѓаните. Секојдневно граѓаните ги слушаат само празните ветувања на СДСМ дека сега откако ќе се смени името ќе имало голем број на инвестиции. Го нема ниту „Гугл“, ниту „Мајкрософт“ како што ветуваше СДСМ во предизборните кампањи. Својата неспособност Заев заедно си министерот Тевдовски ја демонстрира преку донесување на најмегаломаскиот буџет во историја на Република Македонија, се вели во соопштението.
Граѓаните, се додава, увидоа дека со СДСМ и Заев државата оди назад.
– Поради ваквите лоши политики на СДСМ потребни се предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Токму на тие избори СДСМ и Заев ќе бидат казнети за сите црнила и зла кои и ги нанесоа на Република Македонија. СДСМ и Заев не реализираа ниту една реформа изминативе две години. Две години државата тоне во корупција, економијата стагнира, капитални инвестиции нема, здравството пропаѓа, а образованието е на колена. Две години се реализира општ грабеж во сите сфери со апсурдно оправдување дека дури и најнискиот функционер на СДСМ бил фокусиран на преговорите со Грција, соопштува ВМРО-ДПМНЕ.
Со влегување во кампања за избор на Претседател на Република Македонија, нема да функционира Собранието, а партиите ќе се фокусираат на промоцијата на кандидатите.
– Затоа, апсурдно е оправдувањето на Заев дека не треба да се оди и на предвремени парламентарни избори заради наводни реформи. Замерки од нашите меѓународни партнери може да има само доколку Заев се обиде да направи уште еден изборен фалсификат како кражбата на референдумските гласови. Вистината е дека СДСМ и Зоран Заев се плашат од граѓаните и бегаат од избори затоа што знаат дека ќе изгубат. Власта се плаши од граѓаните затоа што донесе противуставен закон за двојазичност и спротивно на волјата на граѓаните го промени името на државата. Зоран Заев десетина дена избега на луксузно зимување во Германија за да не распише избори. Сега откако се врати на сите можни начини бега од избори, се вели натаму во соопштението.
И се додава дека Република Македонија со СДСМ на власт веќе две години е на дното, а СДСМ се што вети излажа.
– Ветуваа почист воздух и решавање на проблемот со загадувањето, а сега две години откако се на власт немаат преземено ниту една мерка, а граѓаните се гушат во најзагаден воздух, кој на денови на одредени места е загаден и до 30 пати повеќе од дозволеното. Економијата уште од самото доаѓање на оваа власт е клекната на колена, нема раст, нема нови вработувања, само стагнација. Образованието тоне, а квалитетот е се послаб. Оваа власт ветуваше инвестиции во образованието, подобар студентски стандард и поквалитетни услови за студирање. Ништо од тоа сега не е случај. Земјоделието е во хаос, годината што помине ќе остане запаметена како најлошата година за земјоделците од независноста до сега, немаше земјоделска култура за која имаше нормален откуп, а онаму каде што ги имаше цените не беа доволни ниту за задоволување на основните производствени потреби. СДСМ ја фрли државата во црнила, мора да си замине, Република Македонија не смее да продолжи да тоне. Граѓаните заслужуваат подобра иднина, се вели во денешното сооопштение.