Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, рече дека ќе се разгледува можноста паузите за освежување да останат и на идните светски првенства, и покрај критиките поради дополнителните прекини.
Инфантино ја бранеше одлуката за воведување паузи за освежување на половина од секое полувреме и истакна дека тие придонесуваат за поголема забава за навивачите.
– Можеби тренерот може да преиспита одредени ситуации, да исправи некои грешки. Играчите добиваат малку одмор и се враќаат со полна брзина. Дали тоа е лошо? Можеби е добро. Исто така, гледаме интензитет на натпреварите. Никогаш не сме виделе 90 минути да се играат со таков интензитет на еден турнир – додаде Инфантино.
СП го одбележаа големите настапи на фудбалските ѕвезди како Лионел Меси, Килијан Мбапе и Ерлинг Халанд. Имаше и изненадувања што ги приредија дебитантите Зелено’ртски Острови и Курасао, и покрај загриженоста дека проширувањето од 32 на 48 репрезентации ќе го намали квалитетот на натпреварувањето.
Инфантино рече дека паузите се неопходни поради спортска рамноправност.
– Кога би ги користеле паузите само на натпревари каде што е многу топло, а не и на другите, би дале предност или би ставиле во понеповолна положба некои тренери и репрезентации. Зошто тренерот би имал можност да влијае врз текот на натпреварот само затоа што е топло, а друг, каде што е малку посвежо, не би ја имал таа можност? – праша Инфантино.




