Со месеци наназад од СДСМ постојано бараат испорака на законите од Реформската агенда, зборуваат за европскиот пат и се обдуваат да се претстават како единствен фактор кој се грижи за евроинтеграциите на државата, истакна на прес-конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, што МИА ја објавува интегрално.

Но, кога ќе дојде моментот тие закони да бидат ставени на гласање во Собранието, од СДСМ не гласаат и наместо конструктивност, избираат политички калкулации.

На вчерашната собраниска седница беа разгледувани и усвоени повеќе значајни законски решенија кои се дел од Реформската агенда и кои се важни за исполнување на обврските што државата ги презема во процесот на европската интеграција.

Дополнет беше Предлог-законот за судска служба со 61 глас „за“ и 12 „против“.

Дополнет беше Предлог-законот за јавнообвинителска служба со 62 гласа „за“ и 13 „против“.

Усвоен беше Предлог-законот за високи раководители со 62 гласа „за“, а пратениците од СДСМ не гласаа.

Дополнет беше и Предлог-законот за користење на енергија од обновливи извори со 62 гласа „за“, додека СДСМ повторно не даде поддршка.

Предлог-законот за оружје беше усвоен со 70 гласа „за“, СДСМ не гласаше.

Ова јасно покажува дека кога станува збор за конкретни реформи, СДСМ нема намера да придонесе. Лесно е да се зборува за Европа на прес-конфернеции, но многу поважно е како се постапува кога треба да се гласа во Собранието.

Кога ќе дојде редот да се работи на реформите , од СДСМ не ги поддржуваат законите, но и избегнуваат да учествуваат и во процесите што треба да доведат до нивно креирање.

Така беше со работната група за Изборниот законик, од СДСМ не учествуваа и избраа да ја бојкотираат работната група, иако таа има задача да ги имплементира препораките на ОБСЕ и ОДИХР и да ги усогласи со стандардите што ги бараат европските институции. Токму овие препораки, се дел од извештаите за напредокот на државата и се важен дел од реформскиот процес.

Јавноста има право да знае, дали за СДСМ европски пат е да не се поддржи ниту едно решение и да се бега од работните групи, а и да не се гласа за реформските закони?

Европскиот совет и Европската комисија ја препознаваат динамиката со која Македонија ги реализира реформите. Тоа е причината поради која нашата држава доби и најголем износ на финансиска поддршка од Планот за раст, во споредба со останатите земји од регионот.

Европската Унија внимателно го следи реформскиот процес и ги поздравува чекорите што ги презема Владата. За жал, за СДСМ ниту оценките од европските институции, ниту конкретните резултати, очигледно не се доволни за да покажат одговорност и да дадат поддршка.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Линк од видео материјал:
https://www.youtube.com/watch?v=d9CxtgmIiok
https://www.swisstransfer.com/d/a0250af2-3971-493b-96b2-24644f65ae79