Со силно темпо се работи на Вардариште. Депонијата Вардариште, која со децении е една од најголемите црни точки на Скопје, полека, но, сигурно, заминува во историјата, напиша попладнево скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на фејсбук.

– Процесот на одгасување се одвива со одлична динамика и согласно предвидениот проект. На терен интензивно се поставуваат цевки, шахти и целокупната потребна инфраструктура, како дел од сериозниот и системски пристап кон трајно решавање на овој децениски проблем. Ова е почеток на нова приказна за Скопје – нагласува Ѓорѓиевски.

Во објавата се истакнува дека по завршување на целиот процес, просторот ќе добие сосема нов лик – од депонија ќе прераснел во огромен мега – парк, ново зелено срце и нови бели дробови на главниот град.

– Таму каде што со години имаше смет, чад и негрижа – ќе никнат зеленило, простор за рекреација, мир, свеж воздух и место за сите генерации. Скопје заслужува чиста животна средина, уредени простори и визија што се реализира на дело. Вардариште заминува во минатото – се додава во објавата на Фејсбук.