Поезијата останува чувар на човечкото достоинство и простор каде што се среќаваат интимното и универзалното. Нè потсетува дека човечкото битие е центар на заедништвото и животот, подвлекува  истакнат шпански поет, романсиер и есеист, и директор на Институтот „Сервантес“, Луис Гарсија Монтеро во интервју за МИА.

За него, јазикот е многу повеќе од збир на зборови – тој е заедница, сеќавање и мост меѓу луѓето. Во време на поделби и забрзан технолошки развој, поезијата и хуманистичките науки смета дека се неопходни за науката и напредокот секогаш да останат во служба на човекот.

Присутен сте на еден од најпрестижните поетски фестивали, Струшките вечери на поезијата. Каква улога имаат меѓународните поетски фестивали во денешниот, сè пофрагментиран, културен свет?

– Мислам дека поетските фестивали се многу важни средби. Прво, ние, поетите од различни земји се среќаваме и се запознаваме. Навикнати сме да се читаме меѓусебно, но не се познаваме, а при средбите, се создаваат пријателства и облици на соработка кои се многу значајни. Второ, во еден фрагментиран свет, каде што идентитетите се затвораат во себе и каде што понекогаш изгледа дека човек мора да се оддалечи и да се плаши од другите за да се заштити, поетскиот фестивал е место на знаење и разбирање. На таквите средби сфаќаме колку многу нешта споделуваме. Исто така, заедно учиме како да ја браниме културата. Пак ќе кажам, науката е многу важна. Пак ќе кажам, технологијата е многу важна. Но ако сакаме науката и технологијата да работат за достоинството на човекот, тогаш ние што се занимаваме со поезија и хуманистички науки мораме заеднички да ги браниме хуманистичките вредности. Само така науката и технологијата ќе останат во служба на човечкото достоинство.

Како поет и директор на Институтот „Сервантес“, како го разбирате односот меѓу културата и дипломатијата? Може ли поезијата да гради мостови таму каде што политиката понекогаш не успева?

– Верувам дека човечките односи имаат многу врска со културата, а културата гради мостови. Ние живееме во заедница, а заедницата е нешто повеќе од политички договор меѓу државите. Затоа верувам дека културата гради мостови, ни помага да живееме заедно и во нејзината основа се човекот и човековите права. Верувам дека меѓународната правда е неразделна од почитта кон човекот, и токму затоа поезијата гради мостови.

Што значи за Вас тоа што Вашата поезија е преведена на јазици како македонскиот?

– Како поет научив да ги почитувам мајчините јазици. Човекот се оформува на својот мајчин јазик. Секој јазик на кој едно дете научило да ѝ каже на мајка си „ми студи“ или „гладен сум“, заслужува голема почит. Затоа сметам дека е прекрасно кога поезијата се преведува на мајчиниот јазик на една заедница. Така мојата поезија може да разговара со читателите на еден близок, интимен и семеен тон. Важно е јазиците да бидат меѓународни, шпанскиот е меѓународен јазик. Но во времињата на империјализмот големите јазици често се обидувале да ги избришат помалите. Денес научивме дека јазиците се простор на заедништво, почит и разбирање. Затоа треба да ги усогласиме големите јазици со почитта што им припаѓа на јазиците со помал број говорници од кинескиот мандарин, англискиот или шпанскиот.

Во време кога преовладуваат брзината, алгоритмите и намалување на вниманието, што може да понуди поезијата што ниту една друга форма на јазик не може?

– Поезијата нè потсетува дека човечкото битие е центар на заедништвото и животот. Поетот се гледа во очите на сопствената свест и ги истражува во својата внатрешност најголемите длабочини од човечкото битие. Сакам да застанам во одбрана на поезијата затоа што таа е срцето на хуманистичките науки, а хуманистичките науки мора да одат рака под рака со науката и технологијата, за напредокот секогаш да биде во служба на човекот.

Вашата поезија често го претвора личното искуство во заедничка човечка приказна. Дали сметате дека колку едно дело е поинтимно, толку може да стане поуниверзално?

– Верувам дека интимноста и универзалноста се неразделно поврзани. Поезијата е облик на спознавање. Таа го анализира искуството и знаеме дека низ историјата чувствата се дел од реалноста и од општеството. Историјата не се живее само преку датумите на војните или политичките настани, туку и преку начинот на кој чувствуваме. Ние се стекнуваме со сентиментално воспитување во одредено време, и во тој контекст, кога навлегуваме во сопствената интимност, стигнуваме до сржта на човечката состојба, која секогаш живее во одредено време.

Голем дел од Вашето творештво води дијалог со сеќавањето и историјата. Каква е одговорноста на поетот, доколку ја има, во зачувувањето на колективното сеќавање на едно општество?

– Ќе ви признаам нешто. Јас сум многу возбуден што сум во Струга, бидејќи мојот учител беше Рафаел Алберти. Како универзитетски професор, докторската дисертација ја посветив нему. Рафаел Алберти се врати во Шпанија по речиси четириесет години егзил во 1977 година, а веќе следната година, во 1978 година, му ја врачија наградата „Златен венец“ во Струга. За што служи меморијата? Служи за да знаеме дека наследуваме нешто од минатото. Јас сум поет затоа што го наследив делото на Рафаел Алберти. Меморијата служи и за да не заборавиме дека во светот постојат војни и диктатури, и дека е многу важно да се залагаме за мир и да направиме наследството што го добиваме да биде и наша најголема обврска кон иднината.

Гранада, градот на Федерико Гарсија Лорка, е силно присутна во вашиот живот. На кој начин местото од кое потекнуваме продолжува да ја обликува имагинацијата на еден писател, дури и кога мислиме дека сме го напуштиле?

– Роден сум во Гранада и поезијата ја открив преку Федерико Гарсија Лорка. Подоцна го проучував неговиот живот. Градот зависи од нашето толкување. Кога одев на училиште, секој ден минував низ одредени улици. Еден ден открив дека во една од тие улици живеел професор од Универзитетот во Гранада кој бил учител на Лорка. Подоцна станал министер и му доверил на Лорка да управува со театарската група „Ла Барака“ за време на Втората шпанска република. Оттогаш, кога минував по таа улица, го чувствував присуството на Лорка. Градовите се дел од нас. Тие припаѓаат на нашето сентиментално образование. Кога поминувам низ Гранада, се сеќавам на градот од моето детство. Тоа ме води кон Гранада во која го открив Лорка, потоа до историската Гранада, и така ги поврзувам сегашноста и минатото. Така градот го толкувам во склад со реалноста која ја искусувам. Градовите живеат во нашето емоционално воспитување.

Голем дел од Вашата академска работа е посветена на автори како Лорка, Алберти и Бекер. Што можат и денес да нè научат тие гласови од минатото, нас, кои се обидуваме да се снајдеме во сложеноста на XXI век?

– Овие автори ме научија на нешто многу важно – да барам време. Сложеноста на XXI век го претвора времето во потрошна роба, нешто што брзо се користи и се фрла. А нам ни е потребно време – време за да станеме господари на сопствената свест. Нивната поезија ме научи прво да размислам за тоа што ќе кажам, пред да го кажам она што го мислам. Ме научи да тежнеам кон добра карма за да станам господар на сопствената судбина. И ме научи на уште една суштинска работа – тоа е зборот „ние“. Верувам дека поезијата постои кога ќе се воспостави дијалог меѓу авторот и читателот, кога чувствата на поетот допираат до човечката состојба. Мене ми се допаѓа Бекер затоа што кога ја читам неговата поезија, не размислувам за неговите љубови од XIX век, туку за сопствените чувства. Живеам преку зборовите што Бекер ги остави во своите песни.

Шпанскиот е еден од најзборуваните јазици во светот. Кога луѓето му се приближуваат на шпанскиот јазик, дали се приближуваат само до еден јазик или до цел еден културен универзум?

– Како директор на Институтот „Сервантес“ и како поет, често повторувам дека јазикот е многу повеќе од речник. Зборовите содржат многу, многу нешта. Во тој контекст, јазикот создава заедница, создава заедничка историја. Да се научи еден јазик значи да се научи да се живее заедно во еден систем на вредности. Податоците денес велат дека шпанскиот има околу 640 милиони говорници во светот, а повеќе од 520 милиони го зборуваат како мајчин јазик. Тоа го прави еден од најважните меѓународни јазици – после мандаринскиот кинески и хинди, шпанскиот е јазик со најголем број на родени говорници. Ова ни помага подобро да ја разбереме мултикултурноста и вредноста на меѓународната комуникација. Преку еден јазик можеме заеднички да размислуваме за туризмот, работата, економијата, заедничкиот живот и мирот. Затоа работата во институтот „Сервантес“ и размислувањето за работните места што произлегуваат од јазикот и за културата која се споделува на еден јазик, ми ја зацврсти поетската идеја дека еден јазик е многу повеќе од збир на зборови, зашто зборовите имаат место во нашето срце.

Вашата кариера ги обединува литературата, академското истражување и јавниот ангажман. Сметате ли дека писателите треба активно да учествуваат во дебатите на своето време или нивниот најголем придонес се остварува исклучиво преку нивните дела?

– Мислам дека најголемиот придонес се остварува преку делото. Но, писателот мора да биде свесен дека живее во одредено време и дека му припаѓа на тоа време. Мене ми се допаѓа кога интелектуалецот се ангажира со прашањата од својата епоха. Јас размислувам за зборовите. А кога размислуваме за зборовите, се отвораат прашања за тоа што значи слобода, што значи мир, што значи зборот меѓународен. Ми се чини исклучително важно интелектуалната работа да не се одвојува од општествената одговорност.

Но, би додал две забелешки. Прво, никој не смее да го меша општествениот ангажман со слепо следење на партиски пароли. Не се работи за повторување пароли, туку за слободно толкување на времето во кое живееме. И второ, како поет, сакам да нагласам дека историјата не се состои само од избори и политички датуми. Историјата минува и низ интимноста. Кога му велиме некому „те сакам“, ние исто така ја живееме историјата. На пример, на преминот од диктатура во демократија, кога пишував поезија сфатив дека кога ѝ велам на една жена „те сакам“, тоа има многу поинакво значење од она што го имало во времето на франкизмот. Тогаш општеството било многу пошовинистичко. Жената честопати морала да се откаже од сопствениот живот и да се потчини на машката власт. Денес, на пример, во моето емоционално воспитување, верувам во еднаквоста меѓу жените и мажите. Затоа, кога велам „те сакам“, не велам: „Јас сум авторитетот, а ти ќе ми се покоруваш“. Туку велам: „Да создадеме едно ние, во услови на еднаквост“. Токму затоа историјата е и емоционална, а поезијата и литературата не можат да се одделат од времето во кое живееме.