Дарко ЈАНЕВСКИ

(тесктот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

Објавувањето на податоците за приватното патување на сопругата и синот на премиерот Мицкоски во Бугарија, од страна на бугарската држава, убеден сум, не е можно без знаење на бугарскиот државен врв, пред се претседателката Јотова и премиерот Радев. Несфатлив е само мотивот за тоа и несфатливо е зошто самата бугарска држава создава чувство на непријателство кај граѓаните на Македонија, наспроти тие во Скопје кои се обидуваат од петни жили односите меѓу двата народи да бидат што попријателски, независно од сите неприлики што ни ги создава Бугарија.

Зашто, нападнат е претседателот на Владата на Македонија, а со тоа нападнати се и граѓаните на Македонија, сеедно кој овде го поддржува Мицкоски, а кој не, кој е за него, а кој за Филипче или другите. И тоа е апсолутно и тотално погрешен чекор на бугарската држава, а при тоа, без никаков бенефит за неа, посебно не во односите меѓу Македонија и Бугарија.

Затоа, Бугарија треба да расчисти со тоа што и е приоритет: да не принуди на побугарчување држејќи не надвор од ЕУ и чекајќи на власт да дојде некој нов Заев или и е потребна економски и политички напредна Македонија со изразитото позитивен однос кон Бугарија, при што, за време на викенд секогаш ќе имате дилема: на кафе, за два часа, во Софија или во Солун, кој сега е приоритет.

Ако е во прaшање првото, ако Бугарија се надева на некој нов Заев, работејќи при тоа против политичкиот и економскиот прогрес на Македонија, а очигледно токму за тоа станува збор, тогаш тоа е страотно погрешен пристап.

Деновиве, мислам од четвртокот наваму, во јавноста се шири говорот во Собранието на РМ, на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стојаноски, кон Оливер Спасовски. Кој, како министер за внатрешни работи, распоредувајќи 30-тина припадници на специјалната единица „Тигри“ и уште дузина други вработени во МВР на други работни места, предизвикал судски тужби поради кои сега државата ќе треба да плати 20-тина милиони евра.

Демек, Стојаноски му „плеснал“ в лице на Спасовски. Добро, и? Што со тоа? Му кажал! Па? Нас ни треба Спасовски да одговара за тоа што го сторил, а не да се „палиме“ како „хепо“ коцки на муабет. Мамо, мамо, виде што му кажав?

Ха, бандата на Заев седум години на власт, и неколку години пред тоа, вршеше терор. Уништија илјадници човечки судбини. Ама „уништија“ во буквална смисла на зборот. И таа банда треба да одговара за тоа. Тоа што некој некому му „стресол“ директно в лице, а во исто време го квалификува тој човек како никаков, бесчувстителен и сл., што значи кажаното нема да го погоди, нема ама баш никакво значење. Освен за ширење на говорот по ФБ и забава на народот.

Што не го разбирам. Па, пуштајте на ФБ што ручек сте направиле денеска, како ви загорел садот додека сте ги лакирале ноктите, па сте го гребеле долниот дел од садот зашто мирисот ќе се пренесе на ручекот или, како секој нормален човек, читајте си книга свиктани во фотелја со кафе во раката, а не ова! Ама кога веќе сте решиле да се занимавате со Стојаноски, па прашајте го: а зошто ние сите треба да плаќаме за тоа што го правел Спасовски и зошто тој не е одговорен за тоа? Па истресете го тој Спасовски, од глава од петици и зошто не? Тоа  е одговорот што сакаме да го чуеме. Зошто, јас и илјадници други во Македонија, всушност сите 1,4-1,5 милиони колку сме останале, а не 1,8 милиони колку што беа изброени во пописот, сега ќе треба да им купиме едно, две… пет чоколади или сладоледи помалку на нашите деца (еве, нека не биде сладолед, нека бидат брокули), или да им скратиме еден викенд во Охрид, зашто Спасовски си играл Господ, нели, и сега, никому ништо!

Инаку, момчето, рака на срце, навистина одржа добар говор. Ама, пак се се’ сведува на истото: добро, говорот беше добар. И? Како тоа ќе и донесе сатисфакција на сите тие кои беа тероризирани во тие седум години, како тоа ќе им даде сатисфакција на илјадници други кои што беа распоредувани на најниско можно ниво, по примерот на тие 30-тина „Тигри“, во тие седум години? Како?

Да, оваа власт не треба да биде како бандата на Заев. Не треба да паѓа толку ниско. Не треба да ги искажува најпримитивните човечки емоции кои не се разликуваат од оние што ги има гладно животно и може да убие и бебе од друго животно (но тоа е гладно, тоа е природа, а овие не беа гладни, овие баш се изживуваа). И кога го говорам ова, не говорам за Стојаноски, за Владата, државниот обвинител… Не, зборувам за систем, зборувам за законодавна, извршна и финално – судска власт, меѓусебно независни, но и меѓусебно под контрола, кои треба да го решат ова.

И кога размислувам за тоа, се некако ми се вртат пред очите оние редови каде е опишана судбината на една девојка од Сер, Македонка, која за време на Балканските војни била силувана од цела непријателска чета, потоа и биле ископани очите и на крај била убиена. Седумте години на Заев беа во 21 век. А во 21 век не силувате и не копате очи никому, фала Богу што живееме во такво време, но интензитетот на малтретирањето во тие седум години, чувството на изживување и примитивност беа исти. А тие примитивци се тука, околу нас, на два чекори од секој од нас. И тоа не смее да остане така.

Добро, ајде да одиме на повесели теми. Упссс, не ми текнуваат! Ама не е се така црно. Бев до Охрид минатата сабота (или саботата пред тоа?) и најголем проблем е патот. И повторно – фала Богу, што, ако не се лажам, за некоја година тоа ќе биде современ автопат, по кој за два часа ќе стигнувате во градот и до езерото. И кон дилемата Солун или Софија на кафе, ќе се придоде и дилемата: „А зошто не во Охрид?“ И замислете сега, ако тој автопат продолжеше да се гради во седумте години таму каде што се беше застанало во време кога Груевски си замина. Овие редови ќе ги пишував покрај езерото, а не од скопскиот „пекол“. Ама не…

Трета актуелна тема би биле пензиите и Вториот пензиски фонд. Кој беше грешка. Нас проблемот не ни беше во тоа дали има втор пензиски фонд, па ќе ги даваме парите на некои приватни компании кои ќе ги оплодуваат, па тоа ќе донело повеќе пари и повисоки пензии… Не, не! Требаше да се знае дека во Македонија тоа не функционира така. Доказ, фактот дека голем дел од тие пари бил вложуван во државни обврзници. И тој втор пензиски фонд не требаше ни да се воведува исто како што во правосудството не треба да ги „имитираме“ Шведска и Финска, туку Германија.

Нашиот проблем, кога се во прашање пензиите беше што во 2004 година, повторно во една „славно“ време, Македонија достигна невработеност од 38 отсто, катастрофа која не и се случила дури ни на Германија во периодот меѓу 1929 и 1933 година, кога невработноста достигнала историски највисоко ниво од 31 отсто (а, во САД, среде „Големата депресија“ – само 25 отсто) и кога наместо тројца вработени да одвојуват за еден пензионер, се спуштивме на 1,5 вработени кои одвојуваа за еден кој завршил со работниот век.

Ама, сега бадијала муабет.

Патем, да не знаете како најлесно се слабее? Да, знаете – не јади навечер, глупчо! И намали го ноќниот кортизол. Како? Е, за тоа појма немам! А, ни вие. Ех, да знаевме…! Како и многу други нешта…!