Кинеската армија и крајбрежна стража денеска патролираа во водите околу гребенот Скарборо во Јужно Кинеско Море, како дел од заштитата на територијата што ја бара Пекинг.

Јужната воена команда на кинеската армија соопшти дека нејзините воздушни и поморски сили спровеле патроли за да ја зголемат борбената готовност во територијалните води и воздушниот простор околу гребенот.

Гребенот Скарборо, што Пекинг го нарекува „Хуангјан Дао“ право полагаат и Кина и Филипини и е едно од најспорните поморски места во светот.

Кинеските патроли уследија по заедничките вежби на САД и Филипини во водите во близина на гребенот во текот на викендот, за кои Вашингтон наведе дека ја нагласуваат заедничката посветеност на зајакнување на регионалната и меѓународната соработка во поддршка на слободниот и отворен Индо-пацифички регион.

Кина ги обвини Филипините дека го поткопува регионалниот мир и стабилност.

Пекинг го интензивираше своето барање за Скарборо изминатите години, вклучително и со создавање национален природен резерват на гребенот, што Филипини го отфрлија како „бесрамен изговор за окупација“. Кина тврди дека сите нејзини активности околу гребенот, вклучително и научните истражувања, се во согласност со легитимните права на суверена држава.