Оваа реконструкција на Владата означува почеток на нова фаза по изминати две години, од работата на оваа Влада, исполнети со сериозни предизвици, поставување темели, стабилизација на состојбите и реализација на крупни проекти. Сега следува период, во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати за граѓаните. Нова енергија за ново забрзување, истакна премиерот и  претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по седницата на ИК на партијата.

Посочи дека секој функционер мора да биде достапен, одговорен и целосно посветен на работата. Тоа останува принцип од кој нема отстапување. Граѓаните очекуваат темпо, дисциплина и резултати, а токму тоа ќе биде обврска на секој член на Владата.

-ВМРО-ДПМНЕ во продолжение од функционирањето на оваа Влада ќе го раководи ресорот Министерство за социјална политика, демографија и млади, и таму нов министер во ресорот социјална политика, демографија и млади ќе биде досегашниот заменик министер, а тоа е Ѓоко Велковски.

Понатаму, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да го води ресорот здравство и таму нов министер ќе биде Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување. На негово место доаѓа досегашниот министер за локална самоуправа, Златко Перински, а нов министер за локална самоуправа ќе биде господинот Иван Стоилковиќ. Министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, ќе биде Ерџан Демир, дипломиран економист кој до сега е претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во општина Шуто Оризари.

Од политичката партија ВРЕДИ, нови министри ќе бидат номинирани во Министерството за правда, култура и туризам и Министерството за односи меѓу заедниците, додека пак, политичката партија ЗНАМ, ќе номинира свој кандидат во Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство.

Она кое што исто така сакам да го истакнам е дека досегашниот ресор за добро владеење, односно потпретседател во Владата за добро владеење, се укинува и тој ресор за добро владеење ќе биде директно под ингеренции на кабинетот на премиерот. Ние веќе имаме секретар, којшто ја следи работата на Владата и реализацијата на програмата, сега ќе имаме и секретар од кабинетот којшто ќе биде задолжен за добро владеење, нагласи Мицкоски.

Информираше дека пред почетокот на состанокот на ИК, заедно со политичката партија Демократска партија на Турците, постигнале согласност за нејзино учество во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и понатаму нејзино учество во Владата со еден претставник, министер без портфолио. Така што Владата го задржува истиот број на ресори, со тоа што ќе имаме двајца потпретседатели на Владата помалку, споредено со изминатиот двогодишен период.

По однос на партиските решенија, Мицкоски рече дека три општински комитети добиваат нови претседатели.

-ОК Кичево добива нов претседател во името на Дејан Пандилевски. Досегашниот претседател на ОК, Лазе Јакимоски, работеше посветено, направи исклучително голема работа, но како заменик министер во Министерството за јавна администрација, останува посветен на своите професионални обврски во рамките на самото министерство. ОК Битола добива нов претседател во името на Горан Исков, којшто во моментот ја извршува функцијата директор на АД ЕСМ Молика, подружницата. На местото на пратеникот Пеце Милевски, којшто продолжува да биде заменик на Генералниот секретар и ќе делува во изборната единица 5. Третиот претседател, којшто денеска го потврди ИК на партијата, е претседателот на ОК Прилеп. Тој е младиот, талентиран, харизматичен и навистина надежен, Христијан Тунески, којшто очекувам со својата младост, пркост и енергија да внесе нова енергија во ОК Прилеп, додека пак, досегашниот претседател на ОК Прилеп, и актуелен градоначалник на Општина Прилеп, Дејан Проданоски ќе биде предложен за нов член на ИК на партијата, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Додаде дека со ова ја затвораат целокупната структура на општински комитети.

За нов претседател на Унијата на млади сили е избран Тодор Конески, а за нова претседателка на Унијата на жени е избрана Марија Митева, досегашен портпарол на Владата.

-Сите овие смени и во рамките на партијата и во рамките на Владата, имаат за цел да внесат нова енергија, да додадат вредност во квалитетот на работење и на Владата и на партијата. Новата енергија е нов импулс за уште повеќе работа, новата енергија е ново забрзување, забрзување на реформите, забрзување на економијата, забрзување на капиталните инвестиции и забрзување на промените што граѓаните ги очекуваат и заслужуваат, посочи Мицкоски.