Градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски денеска се врати на работното место после два месеца боледување и продолжува да ја извршува градоначалничката функција.
Лукровски беше на боледување од 7 мај, а го заменуваше заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски, кој е член на Советот на Општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Крстевски се појавуваше на сите настани поврзани со работата на Општината, а одржуваше и прес-конференции.
Лукровски објави на својот фејсбук профил дека е во работна атмосфера истакнувајќи:
„Животот е борба исполнета со предизвици, но не затоа што е против нас, туку затоа што секој предизвик нè принудува да растеме, да учиме и да станеме посилни.
Изминатиот период за мене беше едно големо искушение. Се соочив со здравствен предизвик кој ме натера да сфатам дека вистинската сила не е никогаш да не паднеш, туку секогаш да најдеш сила повторно да станеш.
Денес, со голема благодарност и искрена радост, повторно се враќам на своето работно место. Ова враќање за мене не претставува само продолжување на професионалните обврски, туку и лична победа над здравствените предизвици со кои се соочив во изминатиот период. Во ова искуство научив дека со трпение, истрајност, верба и поддршка, дури и најтешките битки можат да се добијат.
Сакам да му се заблагодарам на заменик-градоначалникот за поддршката што ми ја даде во текот на целиот период но пред се за неговата професионалност и посветеност кон работата.
Од срце му благодарам на премиерот Христијан Мицкоски за човечноста, поддршката и помошта во мојата борба.
Благодарност упатувам, до мојот тим, како и до сите вработени и советниците од Општина Карпош. Вашите зборови на охрабрување, и поддршката што ми ја пруживте ми дадоа дополнителна сила и мотив да продолжам напред.
Огромно благодарам до семејството, пријателите, сограѓаните, лекарите и сопартијците кои ми испратија порака, ми посакаа побрзо закрепнување или едноставно беа покрај мене кога ми беше најпотребно. Таквата поддршка нема цена и никогаш нема да ја заборавам.
Најодговорно сакам да ги демантирам сите шпекулации и лаги врзани за моето име, згрозен сум од начинот со кој што одредени поединци и партии пробаа да дојдат до ефтини политички поени на сметка на мојата состојба.
Само оние кои недоволно ме познаваат може да поверуваат дека сум се откажал.
Сега по божја волја се враќам со нова енергија, со уште поголема посветеност и со јасна цел – да продолжам да работам одговорно, чесно и посветено, во интерес на граѓаните и развојот на нашата општина, наведе во објавата Лукровски.




