Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска обвини дека СДС и Левица со поднесување на повеќе од 10.000 амандмани го блокираат носењето на новиот Изборен законик, иако, како што рече, со месеци се работело на постигнување политички консензус.
Според Манасиевски, СДС се спротивставува на предлогот македонската дијаспора да гласа по електронски пат, бидејќи, како што наведе, стравува од изборен пораз на следните парламентарни избори.
„СДС директно оди против македонската дијаспора и нејзиното гласачко право“, рече Манасиевски, додавајќи дека електронското гласање би овозможило поголема вклученост на иселениците во изборниот процес.
Во однос на Левица, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека партијата ги блокира измените на Изборниот законик и покрај тоа што, како што тврди, претходно биле прифатени сите нивни предлози поврзани со финансирањето на политичките партии и изборните кампањи.
Манасиевски оцени дека двете опозициски партии заеднички настапуваат поради, како што рече, падот на нивниот рејтинг и потребата да создадат алиби за евентуален изборен пораз.
Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ останува отворена за разговори и ги повика СДС и Левица да ги повлечат поднесените амандмани, а наместо тоа да предложат измени за начинот на гласање и да го поддржат електронското гласање на дијаспората на следните претседателски избори.
Според Манасиевски, воведувањето електронско гласање за дијаспората би придонело и за значителни заштеди на буџетски средства.




