Во тек се обуките за пилоти и техничари за воените повеќенаменски хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“, од кои првите два треба да пристигнат до крајот на годината.
– Пакетот предвидува обуката првин да биде таму, а како што ќе ги добиваме хеликоптерите, така дополнително ќе се дообучуваат пилоти и техничари. Тоа е во првата фаза. Кога ќе се стекнат со потребното искуство и потребните сертификати, тогаш нема никаков проблем таа обука да ја реализираме и тука – изјави денеска началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
На заедничката прес-конференција со министерот за одбрана Владо Мисајловски, на која дадоа отчет за двегодишниот мандат, Лафчиски посочи дека состојбата во воздухопловниот ВИНГ е мрдната од мртва точка и дека работите се движат во позитивна насока.
Се работи и на тоа школски воздухоплови, кои се дел од воздухопловниот ВИНГ, да се оспособат и да се користат за продукција на нови пилоти.
– Ова е нешто што десетици години е ставано на страна. Заедно со Воената академија веруваме дека ќе ја оспособиме катедрата, но, пред сè, треба да ги поправиме овие два модели на авиони, кои се дел од воздухопловниот ВИНГ. Излеговме од мртва точка или од лошата основа во која се наоѓаше ВИНГ и сега имае патоказ како да ги подобриме работите – оцени Лафчиски.
Според него, добро е и што е постигнат договор со фирмата „ЛОМ Праг“ за сервисирање на воздухопловите и што флотата на транспортни хеликоптери е зголемена за два. (МИА)




