СДСМ излезе со соопштение во кое директно атакува врз новинарот и уредник Бранко Героски за ставови изнесени во колумни за можноста за промени во опозицискиот блок, за известувањето за новоформираната опозициска иницијатива, како и за нападите од страна на СДСМ врз поединци кои изразуваат критичко мислење кон раководството на опозициската партија.

„Бранко Героски бара „ново дете” за СДСМ. Можеби затоа што му е здодевно, или затоа што самиот е здодевен. Можеби затоа што во старите денови се впушти во платени авантури од кои сега не може да излезе. А можеби затоа што сега, заедно со истите оние кои ги бранеше и порано, отворено ја промовира платформата за иднината на Мицкоски“ – пишува СДСМ во соопштението.

Притоа инсинуира дека Геровски е дел од „мрежа на служби“ и „стари УДБА-новинари“.

„Истиот Геро кој денес се претставува како „независен новинар” и бара „нови лица” во СДСМ, во своето време го угостил во својот стан началник на БИА, Живаљевиќ. Лик познат и по организираниот упад во Собранието заедно со ВМРО на 27 ми април.

Тоа беше дел од истата мрежа на служби. Едни имаа задача да упаднат во Собранието и да направат хаос, а други да ја палат американската амбасада. Вистински демократски работи, за „вистински независни новинари”. Оваа генерација на стари УДБА “новинари”: Геро, Латас, Ивона и сите нивни соработници е причината зошто со години не се отвораат досиејата на тајните служби. Токму тие ја блокираат европската иднина на Македонија, бидејќи отворањето на досиејата би значело и отворање на нивната сопствена улога во системот“ – пишува СДСМ.

Потоа СДСМ упатува закани дека за тие „стари удбаши“, нема никаква иднина во „слободна, демократска и европска Македонија“.

„За сите овие години зедоа доволно за себе (станови, куќи, плацеви… хектари). На младите им ја зедоа иднината, на старите им го зедоа достоинството. Сега, кога веќе не можат да се кријат зад „независна анализа“, отворено работат на платформата за иднината на Мицкоски и го бранат „детето Пеџа“. Ист платен список. Иста цел. Доста е со вашата пропаганда. Во слободна, демократска и европска Македонија, за вас навистина нема иднина“ – пишува СДСМ во соопштението.

Бранко Героски, како коментар на ова соопштение, изјави дека ова не му е првпат на СДСМ и Филипче да атакуваат на него, со исти навреди и клевети.

– Глупавото соопштение на Бихаќка, кое очигледно го срочил истиот Србин што им ги пишува и другите коминикеа, не вреди посебно да се коментира. Кон крајот на минатата година, Венко Филипче се впушти во лична кавга со мене, со многу клевети и навреди на моја сметка, од кои дел сега повторно рециклира. Се надевам дека нема потреба да го потсетувам човекот како си помина тогаш.

Венко Филипче и луѓето од ова раководство на СДСМ ја водат партијата кон целосно распаѓање. Затоа се вознемирени и од Иницијативата 12.05. и од колумната на Петар Арсовски и од другите гласови на критичката јавност. Знаат дека деновите на Бихаќка им се избројани и дека после изборите ќе мора да си заминат – вели Героски.

Уредникот вели дека повторно, како и пред шест месеци, ги чека Филипче и авторот на глупавите соопштенија на својот новинарски „нишан“.

– Немој после пак да пишуваат претставки до ЗНМ, барања полицијата да ме привела и слични будалштини. Ако пак отворат кампања како тогаш, ќе им се случи истото. Кажано со речникот на нивниот основач, има да ги прегазам ко шлепер жаба – вели Героски.