На прв поглед, македонската политичка сцена почнува да добива контури кои потсетуваат на Србија од последната деценија. Од едната страна стои доминантна власт со цврсто парламентарно мнозинство и јасно политичко лидерство, додека од другата страна опозицијата, по изборниот пораз, сè уште го бара својот нов идентитет, нова енергија и нов политички наратив. Таквата слика имплицира дека С. Македонија полека влегува во „српски модел”: една силна владејачка партија која најверојатно ќе доминира со години, и опозиција заробена во интриги, внатрешни поделби и лидерски битки. Последните случувања, вклучително и пojавата на ново политичко движење кое произлегува од кругови блиски до опозициската СДСМ, навидум само ја зајакнуваат таквата перцепција, засилувајќи го впечатокот дека фрагментацијата на опозицијата само ја зацврстува оваа еднополарна слика, анализира Петар Арсовски за Дојче Веле.

Но, токму тука вреди да се постави едно поинакво прашање: дали секоја нова политичка иницијатива навистина ја фрагментира опозицијата? Или, можеби, токму таа е првиот знак дека опозицискиот простор почнува повторно да се раздвижува? Кај нас постои речиси автоматски рефлекс секое ново движење да се перципира како уште една поделба, па оттаму и автоматски – како напад врз опозицијата. Логиката изгледа едноставна: ако се пojави нов политички субјект, тој ќе одземе дел од гласачите на постојната опозиција и ќе ја направи уште послаба. Во интерес на вистината, таа оценка не е без основа – во изборен систем каков што е македонскиот, расцепканата опозиција секогаш со потешкотија гради убедлива алтернатива на власта.

Но, политиката ретко е толку едноставна. Историјата покажува дека големите политички промени многу почесто започнуваат токму со пojавата на нови иницијативи, отколку со постепено зајакнување на старите партии. Една од причините е тоа што новите движења често внесуваат конкуренција таму каде долго време владеела политичка инерција, со тенденција да ги принудат постојните партии да ги освежат своите политики, кадровските решенија и начинот на комуникација со јавноста. Затоа, понекогаш не е најважно дали едно ново движење ќе освои многу гласови, туку дали ќе успее да обезбеди инфузија на енергија и да ја раздвижи политичката сцена околу себе.

Невозможно е сериозно да се процени непосредната политичка тежина на новите иницијативи кои се пojавуваат на политичкиот простор – за тоа ќе бидат потребни време, оценка на организацискиот капацитет и, на крај, избори. Но, самото нивно пojавување покажува дека во левиот и либералниот политички спектар сè уште постои незадоволство од постојната состојба и потреба за нова политичка понуда. Тоа, само по себе, е поважна варијабла oд прашањето колку проценти би освоило едно ново движење кога изборите би се одржале утре. Всушност, најголемиот проблем на македонската левица денес не е тоа што има премногу идеи – напротив, проблемот е отсуството на доволна политичка динамика и иницијатива веќе подолго време.

Споредбата со Србија: поучна, но ограничена

Историски гледано, по изборниот пораз во 2024 година, опозицискиот простор влезе во период на очекувана интроспекција, во кој следуваа кадровски промени, обиди за ново позиционирање и барање нов јазик за повторно воспоставување комуникација со гласачите. Но, низата изборни порази отвори нови дилеми: дали станува збор за едноставна криза на лидерство, или за подлабоко преиспитување на моделот врз кој до тогаш почиваше целиот опозициски блок.

Во таа смисла, споредбата со Србија е корисна, но само до одредена точка. Политичката доминација на власта во Србија не беше резултат исклучиво на организацискиот капацитет на владејачката партија – таа беше потпомогната и од долготрајната неспособност на опозицијата да создаде доволно силен политички центар околу кој различните партии и движења ќе можат да се обединат. Нови иницијативи, вклучително и студентското движење, постојано се пojавуваа, но на крај не ја изменија логиката на политичкиот натпревар: наместо да создадат нова енергија за целата опозиција, тие останаа затворени во сопствените идеолошки догми и организациски недоследности.

Македонија на раскрсница

Македонија денес стои пред токму таа раскрсница. Теоретски е секако можно новите иницијативи да останат уште еден краткотраен политички проект кој се натпреварува за ист ограничен број опозициски гласачи – како во Србија. Но, постои и друга можност: новите политички иницијативи да создадат притисок врз целиот опозициски спектар да се менува, да го забрзаат вклучувањето на нови луѓе, да ги принудат старите партии да понудат пojасни политики и, на крај, да внесат нов јазик, нови теми и нова политичка енергија во простор кој по изборниот пораз очигледно е во стагнација.

Тоа особено важи за левиот политички спектар, кој долго функционираше исклучиво околу една доминантна партија – структура која денес изгледа девастирана. Затоа, наместо упорно да се ламентира околу прашањето кој ќе го преземе лидерството во опозицијата, можеби е поважно да се следи дали различните иницијативи ќе успеат да создадат поширок интелектуален и политички простор во кој повторно ќе се артикулира модерна политичка понуда. И малку турбуленции на почетокот на тој процес се здрави – ако не прераснат во тотална меѓусебна вojна.

Во меѓувреме, власта останува во позиција на политички фаворит: Владата располага со стабилно мнозинство и иницијативата е сè уште на нејзина страна. Но, следната година ќе биде особено показна. Јавноста сè помалку ќе ja оценува Владата според изборните ветувања, а сè повеќе според реалните резултати – во кои економските показатели, реформите, јавните услуги, евроинтеграциите и борбата против корупцијата ќе бидат главен критериум. Тоа е период во кој секоја влада природно се бори да го задржи почетниот политички кредит. Истовремено, речиси извесно е дека ќе растат шпекулациите за можни предвремени парламентарни избори. Без оглед дали и кога тие навистина ќе се одржат, самиот притисок ќе влијае врз однесувањето на сите политички актери: власта ќе ги следи сопствените рејтинзи и ќе бара најповолен политички момент, додека опозицијата ќе мора многу побрзо да одговори на прашањето дали е подготвена повторно да стане сериозна политичка алтернатива.

Токму затоа, наредните десет до дванаесет месеци најверојатно нема да бидат период на мирна политичка консолидација, туку време на интензивно прегрупирање. Во таа потрага, новите политички иницијативи не треба автоматски да се гледаат како дополнителен товар за опозицијата. Тие можат да бидат токму она што и недостига – катализатор кој ќе ја извлече од политичката летаргија и ќе ја натера повторно да се натпреварува за идеи, а не само за позиции.

Петар Арсовски за Доче Веле