Кога луѓе кои со години работеа за СДСМ, како Петар Арсовски, почнуваат да ја продаваат „верата за вечера“, тогаш станува јасно дека не станува збор за анализа, туку за позиционирање, стои во соопштението од Социјалдемократскиот сојуз што МИА ви го пренесува во целост.

Тие не ја предаваат само партијата. Тие ја предаваат идејата. Идејата за борба против организиран криминал, за европска и демократска Македонија, за земја во која младите ќе останат да живеат, а постарите ќе имаат достоинствен живот.

Наместо заедно со СДСМ и Фронтот за вистина и правда да се борат против корупцијата и заробената држава, тие сега работат на платформи и наративи кои директно служат на Мицкоски – за слабеење на опозициониот блок.

Токму како што беше и со проектот ЗНАМ, а сега и со новите обиди за „платформи“ и „нови почетоци“ кои во реалноста значат само едно: обид за поделба на опозицијата одвнатре.

ВМРО е во слободен пад. Изгубија над 150.000 гласови, рејтингот на Мицкоски е катастрофален, а единственото што му остана се лаги и пропаганда.

Буџетот е празен, секојдневно се задолжуваат, а долговите ќе ги враќаат нашите деца и внуци.

Наскоро нема да има пари ни за плати. Театарот на реконструкција трае со месеци – стари кабинети, нови фотелји.

Мицкоски со лаги дојде на власт, денес владее со лаги.

Граѓаните сè видоа и повеќе никој не му верува.

Затоа ќе мора да оди на предвремени избори, бидејќи поинаку не може да ја продолжи својата авторитарна власт – ниту во партијата, ниту во државата.

Криминалната организација чини. Потребни се тендери, а пари нема. Тендер коалицијата е во распад.

Главниот соучесник во криминалот и корупцијата здружението ЗНАМ кое Мицкоски го формираше на минатите избори, денес е исчезнато, па мора да прави ново.

“Платформата за иднината на Мицкоски” се подготвува веќе со месеци, за што СДСМ уште одамна зборуваше.

Обидите одвнатре не успеаја, па сега се обидуваат однадвор.

Многумина се спремни да ја наведнат главата пред организираната криминална група. Не за џабе во Македонија се вели: „Наведната глава сабја не сече“ а нека е и платен за да ја наведне главата.

Сите овие кои денес се претставуваат како „независни аналитичари“ или „нови гласови“, всушност се дел од истата машинерија која работи против Фронтот за вистина и правда: дел од партиите, дел од здруженијата, 40 отсто од медиумите во сопственост на Орбан кои работат за ВМРО под диригентската палка на Латас, фарми на тролови, сестрински бот-платформи од СНС, оркестрирани кампањи на социјалните мрежи и обиди за вештачко креирање на „платформи“ кои треба да го ослабат СДСМ.

Петар Арсовски е само еден во низата луѓе без морал и без срам.

Затоа денес е јасно на сите: Нема друга опозиција освен онаа обединета околу Фронтот за вистина и правда.

Граѓаните ќе победат.

Фронтот ќе ја врати власта во рацете на граѓаните од канџите на организираниот криминал.

Фронтот ќе победи. Ќе победат вистината и правдата, а сите тие ќе одговараат!

Социјалдемократски сојуз