Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска телефонски разговараше со германскиот канцелар Фридрих Мерц за испорака на ракети за американските системи за противвоздушна одбрана „Патриот“.
– Клучниот приоритет сега се ракетите „Патриот“ за да ги заштитиме нашите луѓе од руските балистички ракети. Тоа беше главната тема на нашиот разговор: можноста за снабдување на нашите системи „Патриот“ со ракети, што ни се потребни, бидејќи Русија ја игра својата последна карта со ракетните напади врз Украина. Русија нема друга опција освен да ја продолжи војната, објави Зеленски на Икс, при тоа заблагодарувајќи му на Мерц за досегашната помош.
Зеленски во објавата го демантира рускиот претседател Владимир Путин дека Русите го освоиле Костјантинивка и го покани да се сретнат во градот на мировни преговори.
– Заземањето на градот секако не е вистина. Тоа е само уште една руска лага, обид да се произведе некаков вид медиумска приказна. Доколку Костјантинивка беше под руска контрола, Путин веројатно немаше да има проблем да се сретне со мене таму за да изнајдеме дипломатски начин за конечно завршување на војната. Но, фактот е дека тој нема да ја премине линијата на фронтот – реалноста е многу различна од зборовите на Путин, додаде Зеленски.
МИА




