На покани без датум, време и место не одговораме бидејќи се несериозни. Ние подолг период дебатираме со бројни искрени членови на СДСМ и подржувачи кои посакуваат силна опозиција, велат членовите на СДСМ и поранешни функционери на партијата кои промовираа Платформа која бара промени во опозициската партија, пишува Курир.
-За нас дебатата е основа на демократијата. Но, немаме намера да преговараме со оние кои ги создаваат проблемите. Затоа, му порачуваме на Венко Филипче дека бадијала испраќа луѓе кои ни нудат високи партиски функции. Во СДСМ треба да се случат структурни реформи кои ќе ја вратат партијата на членството, ќе создадат вредносен систем кој ќе привлекува нови приврзаници и ќе создадат потенцијал за големото обединување на прогресивната демократска опозиција која ќе ја порази коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Самиот факт што во наводната покана има тотално отсуство на реалност и се зборува за измислено вратена доверба на СДСМ, истата го бетонира впечатокот дека ова раководство живее во виртуелен свет, велат од Платформата.
Од таму порачуваат дека ако Венко Филипче ја говореше вистината ќе признаеше дека месеци претходно е лично од нив информиран за нивниот план за санација на СДСМ.
-Наместо да анализира што предлагаме тој реши да се обиде да не дискредитира на најпримитивен начин. Разговорите за иднината продолжуваат со адресирање на вистинските проблеми на граѓаните без оптеретување со внатре партиските проблеми на Венко Филипче, посочуваат поранешните функционери на СДСМ кои бараат реформи во партијата со која раководи Филипче.




