Караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“ продолжи во Штип, град кој со својата традиција и развоен потенцијал претставува еден од најважните двигатели на источниот регион и силен пример дека успехот секогаш започнува со трудот на луѓето.
Во своето обраќање, претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, истакна дека европската иднина на Македонија нема да ја донесат празни ветувања, туку силни институции, одговорни политичари и држава што еднакво се грижи за секој свој граѓанин.
-Европа не е само политичка цел, туку начин на кој треба да ја организираме државата. Тоа значи институции што функционираат, правда што важи за сите, администрација што им служи на граѓаните и економија што создава можности. Македонија нема потреба да биде копија на никого. Треба да биде успешна држава што самоуверено ќе ги брани своите национални интереси и достоинствено ќе чекори кон Европа, порача Димитриевски.
Тој нагласи дека довербата не се добива со политички слогани, туку со резултати што секој граѓанин може да ги почувствува во своето секојдневие.
-Политиката мора повторно да стане служба на граѓаните. Луѓето не очекуваат големи зборови, туку сигурност, подобри услуги, праведни институции и можност со својот труд да обезбедат достоинствен живот. Токму затоа ЗНАМ го избра потешкиот пат, односно патот на одговорноста, реформите и конкретната работа. Само така може повторно да се изгради довербата во државата, истакна претседателот на ЗНАМ.
Во рамки на панел дискусијата говореа и генералниот секретар на Движењето ЗНАМ, Горан Минчев, и претседавачот со Централниот одбор на Движењето ЗНАМ, Игор Филков, осврнувајќи се на резултатите постигнати во изминатите две години во делот на реформата на јавната администрација, насочени кон професионализација, поголема ефикасност и унапредување на услугите за граѓаните, како и активностите и резултатите во областа на правосудството, владеењето на правото и зајакнувањето на институционалната одговорност.
Токму овие резултати претставуваат темел за изградба на европски стандарди во Македонија и за враќање на довербата на граѓаните во институциите.
Караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“ продолжува и во наредниот период низ повеќе градови во државата, како платформа за непосреден дијалог со граѓаните, размена на идеи и креирање политики што произлегуваат од реалните потреби на луѓето.
Движењето ЗНАМ останува посветено на визијата за Македонија како европска држава со силни институции, стабилен правен поредок, развиена економија и еднакви можности за секој граѓанин, држава што својата иднина ја гради со работа, одговорност и доверба.




