Војската на Бахреин соопшти дека Иран ги продолжува своите, како што наведува, „гнусни ракетни напади и напади со беспилотни летала насочени кон цивили“ во земјата, додавајќи дека системите за противвоздушна одбрана ги собориле проектилите со кои бил извршен нападот.

„Вооружените сили, со сите свои единици и капацитети, се наоѓаат на највисоко ниво на борбена готовност и се подготвени да ги исполнат своите одбранбени задачи со цел заштита на земјата“, соопшти војската на Бахреин на социјалните мрежи.

Во соопштението граѓаните на Бахреин се повикуваат на будност, со оценка дека Иран „ја продолжува својата систематска агресивна политика“ преку ракетни напади и напади со беспилотни летала насочени кон цивилното население во Бахреин. Војската на Бахреин потсети дека употребата на ракети и дронови за напади врз цивили и приватен имот претставува јасно кршење на меѓународното хуманитарно право.

САД во текот на ноќта извршија напади врз повеќе ирански градови. Бахреин, Кувајт, Јордан, Катар, Оман и Обединетите Арапски Емирати соопштија дека Иран ги нападнал нивните територии со ракети и беспилотни летала.