Претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Тодор Конески ја истакна новата програма за практикантство, која им овозможува на студентите да стекнат практично искуство во локалните самоуправи, со што се подобрува нивната подготвеност за пазарот на трудот, а истовремено општините добиваат млада енергија, нови идеи и поголем капацитет за прилагодување на современите предизвици.

„Новата програма што ја промовиравме, месеци на практикантството тоа е соработка на државните универзитети со Министерството за локална самоуправа и со ИНОВА каде што во месеците август-септември студентите ќе имаат шанса да бидат практиканти во локалните самоуправи, да имаат директно искуство во раководењето на општината, тука има взаемен интерес и младите добиваат практично искуство и ја подобруваат позицијата на пазарот на трудот, а од друга страна локалните самоуправи добиваат млада енергија, нови идеи и еден зајакнат механизам за адаптација на новите времиња“, рече Конески.

Конески истакна дека Владата посветува значително внимание на подобрувањето на студентскиот стандард и спроведувањето на мерки насочени кон унапредување на условите за студентите, и ги истакна програмите за самовработување со кои се поттикнува претприемачкиот дух кај младите и се создаваат подобри можности за нивен професионален развој.

„Опозицијата беше многу критички настроена спрема извештаите од Европската комисија, сака да креира перцепција во недостиг на аргументи, они пробуваат да се извадат на тоа дека една лага кажана доволно пати станува вистина. Последниве две недели гледаме дека опозицијата агресивно во медиумите разговара за ребалансот на Буџетот и дека се кратат средства за младите. Буџетот за 2026 година за студентски стандард предвидува 1.338.000.000 денари, со ребалансот се предвидени 1.689.000.000 денари односно 350 милиони денари е зголемена ставката за студентски стандард, тука се студентскиот оброк, сместувањата по студентските домови, субвенционираните оброци“, истакна Конески во „Еспресо“ на Радио Лидер и додаде:

„Веќе две години го спроведуваме оперативниот план за самовработување и повратните резултати првата година беа добри, оваа година бројот на апликанти е голем, тука на еден многу добар начин државата се промовира себеси како мотиватор на младите да почнат да размислуваат претприемачки“.