Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Коалицијата на подготвените е во заблуда ако верува дека може да ѝ нанесе стратешки пораз на Русија, оценувајќи дека станува збор за група земји кои, според ставот на Москва, го поттикнуваат продолжувањето на конфликтот во Украина.
„Тоа е коалиција на воени подбуцнувачи, тоа е група земји кои не сакаат мир, сакаат продолжување на војната и се тешат со најдлабоката заблуда за можноста да ѝ нанесат стратешки пораз на нашата земја. Затоа тоа е коалиција која живее во заблуда и коалиција која поттикнува војна“, изјави Песков, коментирајќи го денешниот состанок на Коалицијата на подготвените во Париз, пренесуваат руските медиуми.
Тој истакна дека Кремљ внимателно ќе го следи состанокот што се одржува денеска во Париз на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон.
„Ова се земји кои преземаат непријателски дејствија кон нас, поради што ќе го следиме состанокот многу внимателно“, рече Песков како одговор на новинарско прашање дали руското раководство ќе го следи состанокот во Париз.
Францускиот претседател Емануел Макрон претходно објави дека претставниците на Коалицијата на подготвените ќе се сретнат денеска во Париз за да разговараат за понатамошна поддршка за Киев.
Оваа коалиција обединува неколку европски земји и сојузници на Украина кои разгледуваат различни форми на понатамошна политичка, воена и безбедносна поддршка на земјата, вклучително и планирање на можни безбедносни аранжмани по евентуално прекин на огнот.
Фото: архива




