Околу 400 пожарникари денеска го гаснат големиот шумски пожар во познатата шума Фонтенбло, јужно од Париз. Пожарот избувна доцна синоќа во близина на автопатот и досега уништи 800 хектари шума, соопштија властите.

Два авиона канадери, што собираат вода од реката Сена, исто така се вклучени во гасењето на пожарот, објави одделот Сена и Марн.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека се мобилизирани сите ресурси за борба против екстремно големиот пожар во шумата Фонтенбло во парискиот регион, објавија француските медиуми.

„На жителите на Сена и Марн, им изразувам солидарност. На пожарникарите и спасувачките екипи кои работат неуморно, им изразувам длабока благодарност“, напиша претседателот на социјалната мрежа Икс.

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез, за ​​време на обиколката на местото на пожарот, изјави дека постои можност пожарот да бил подметнат.

Тој рече дека неколку одделни жаришта во радиус од само илјада метри укажуваат на можно подметнување и дека жандармеријата започнала истрага.

Шумата Фонтенбло, каде се наоѓа историскиот замок Фонтенбло, е една од најголемите непрекинати шумски области во Западна Европа.

Повеќе од илјада жители и туристи беа евакуирани, изјави градоначалникот на Ле Воду за телевизијата BFM. Тој опиша „ѕид од пламен“ кој брзо се ширел и стигнал до првите куќи на работ на населбата.

Портпаролката на француската Влада, Мод Брежон, ја нарече ситуацијата „вонредна“, велејќи дека сите расположиви ресурси се вклучени во гаснењето на пожарот. Таа додаде дека шумските пожари од такви размери се ретки во северна Франција.

Пожарникарите се борат и со пожари во други делови од Франција, додека третиот топлотен бран оваа година нуди суви услови и високи температури.

На почетокот на неделата, француската национална метеоролошка служба Метео-Франс стави 37 департмани под највисоко, црвено ниво на предупредување поради топлината.

Фото: архива