Македонскиот војвода ги прашал: Од која националност сте? Притоа самиот им одговорил: Сите испратени од Србија, Бугарија, Грција – се странски агенти. Ние сме Македонци. Некои од нас можеби се чувствуваат блиски со Србите, други – со Грците, Бугарите итн., но тоа не нè обврзува да ги предадеме нашите народни интереси на оние со кои сме блиски. Јас работам за слободата на Македонија. Сакам нејзина независност и неделивост меѓу балканските земји, кои се расправаат за тоа.
„Македонија родила многу такви борци. Ропството на народите во Турција е најдобрата гаранција за сеење на семето на народната слобода за сите народи во Македонија и Одринско. Македонија и Одринско се училиште за нас. Јас и многуте апостоли како мене го носиме семето на народна самоуправа – без султан, крал, кнез и други слични ним. Сакаме широка слобода за сите родени во овие земји што се поробени со векови. Сакаме да живееме братски со сите народности и поради оваа причина ги повикуваме другите народности да се приклучат во редовите на борците, па и оние Турци што не се расипани од разбојничките потфати на владетелите и кои не се задоени со исламска омраза кон христијанските народи во Турција“.
На 14 јули 1943, во своето родно Русиново, Беровско, починал Никола Петров-Русински, македонски национален револуционер, роден 1875 година. Бил учесник во Илинденското востание, истакнат војвода и плоден мемоарист. Во своите делумно објавени „Спомени“, покрај сѐ друго, раскажува и за една средба со просрпска чета во Кичевско и како успеал да ги придобие.
ДВЕ „СПРОТИВСТАВЕНИ“ ЧЕТИ
Кога дознал за другата чета додека бил меѓу своите селани од Белица, Кичевско, тоа лето 1901 година Русински зел човек од одборот на селската организација, како што раскажува и со уште 5-6 четници се упатил кон местото на непознатата чета. Испратил еден селанец кон другите христијани со пушки да им каже оти во областа на селото има уште една чета и дека војводата сака да ги запознае.
Занимливо е тоа што во своите „Спомени“, веројатно за да даде впечаток на пообјективно раскажување на настаните, Русински за себе говори во трето лице: Војводата.
„Селанецот направи како што му е кажано. Го слушнавме зборот ‘предавство’. За да ги смири, селанецот им рекол: Ако ви се случи нешто лошо, дозволете ми да умрам со вас. По кратка тишина, ги слушнавме зборовите: Добро, нека дојде самиот војвода. Селанецот се одвои од нив – бевме на само 15-20 чекори – дојде и тивко му шепна на војводата за договорот со српската чета да се сретнат. Нашиот војвода и селанецот отидоа кај српската чета, се поздравија со ‘Добре дојде’ и си се претставија. Нашиот војвода се претстави со името апостол Елеонски, а и тие си ги кажаа имињата: Наќе, Арсо, Стефан, Георги и Иван“ – раскажува Русински.
„Српските“ четници, всушност биле од Подвис и три други села околу Кичево. Ги прашал војводата – каде се вооружени, кој ги испратил и со каква цел? Му рекле дека во Белград и други српски градови друштвото „Свети Сава“ и неговите ограноци вооружуваат и поддржуваат чети за Македонија, која „Србите ја сметале за своја“… Во овој миг македонскиот војвода ги прашал: Од која националност се, и дали се родени во Србија или во Македонија?
Притоа Русински самиот им одговорил: „Мислам дека сите апостоли испратени од Србија, Бугарија, Грција и од други места се странски агенти. Ние сме Македонци; Некои од нас можеби се чувствуваат блиски со Србите, други – со Грците, Бугарите итн., но тоа не нè обврзува да ги предадеме нашите народни интереси на оние со кои сме блиски. Јас, на пр., сум бугарски воспитаник, а мајка ми, која ме роди, ме доеше, пееше или плачеше, ми зборуваше на истиот јазик што го зборувам сега. Но јас работам за слободата на Македонија, која е поробена со векови. Сакам нејзина независност и да не ја делат балканските земји што се расправаат за тоа“.
Наќе – војводата на соперничката чета, одговорил дека српскиот јазик е многу близок до „нашиот, кој се зборува во западна Македонија“, а и дека многу обичаи се зачувани од српските освојувачи.
„Да, Македонија многупати била плен на други завојувачи, но најмалку на Србите. Турците најмногу владеат со неа. Ако погледнеме праведно, според историјата, никој не владеел со Македонија повеќе од Турците. Еден праведен судија, ако треба да утврди чија е Македонија, не би му дал право да владее на никого друг, освен на Турците, бидејќи само тие непрекинато владеат со неа повеќе од 500 години. Но, и покрај сè, според мене, Македонија не е ни српска, ни грчка, ни бугарска, ни турска“ – истакнува Русински.
Таа земја, вели, им припаѓа на народите што ја населувале – оние луѓе „што ги населувале малите, но плодни македонски полиња и прекрасните планински предели“ – додава тој.
„Разновидноста на населението во Македонија само нè тера да разбереме дека не треба да работиме во корист само на една од националностите што ја населуваат Македонија бидејќи тоа е заедничка татковина – на сите што живеат во неа. Мора да ги обединиме сите, да им дадеме до знаење дека ниедна националност не треба да сонува да ја користи слободата за свои цели и да доминира над другите. Таква илузија, опасна за каузата, може да ја негуваат само оние што живеат надвор од нејзините граници – во Србија, Грција и Бугарија. Мора да се бориме против нивното мешање во нашите внатрешни работи во Македонија и Адријанопол. Македонското население живее заедно стотици години под турскиот режим, кој ги споила судбината“ – појаснува македонскиот војвода.
МАКЕДОНИЈА НАД ПОЛИТИЧКИТЕ ПОДЕЛБИ
Никола Русински настапува, како што самиот вели – како „бугарски воспитаник“, т.е. припадник на бугар-милетот или на бугарската црква (во Отоманска Турција нема македонска црква, но султанот со ферман ја признава Бугарската егзархија). И војводата Наќе настапува како припадник на српската црковно-пропагандна партија. Но, тука, всушност, од овој случај се гледа дека политичката припадност кон милетот е второстепена.
Во таа смисла англискиот патеписец Џон Фостер во 1906 пишува дека „’националноста‘ во Македонија е прашање на страв, религија и политика“ и нема „никаква врска со расата“ (етничкото потекло, з.п.), но и дека „повеќето Македонци го менуваат јазикот кога ја менуваат ‘партијата’.“ Истражувајќи го на тој начин „македонскиот хаос“, Фостер неколкупати заклучува и нагласува оти „поделбите не се етнички, туку партиски“, т.е. политички поделби.
Слични забелешки има, на пр., и американскиот авантурист и голем пријател на македонските револуционери, Алберт Сониксен, како и Бугарите Пејо Јаворов и Павел Делирадев. Тоа на свој начин го појаснуваат и македонските дејци Андон Тошев-Штипјанчето, Христо Константинов, Блаже Крстев-Биринчето, Павле Наумов и многу други.
Така, Наќе говори за „нашиот јазик“ – близок до (но и поинаков од) српскиот. Русински, пак, вели оти и двата табора се составени од Македонци, а најважно му е тоа – Македонија да остане цела и неподелена.
И за двајцата, на крајот на краиштата, најбитна им е македонската идеологија. Русински го убедува и придобива Наќе со зборовите: „Моќта на ВМРО е поголема од моќта на која било балканска држава. Организацијата ве набљудува откако преминавте од Србија до границите на Македонија. Сега ќе бидеме заедно, обете чети – мојата и твојата“.
На крајот војводата додава: „За да бидам јасен и да ве пречекам со раширени раце, како вистински македонски дејци, се согласувате ли да бидете една меѓу нашите чети? Ова е поповолно за вас и на овој начин ќе исчезне сомнежот од вас дека сте агенти на српската пропаганда, која сака да ве искористи како Македонци против ВМРО“.




