Осум млади Македонци од дијаспората денеска успешно го завршија своето тринеделно патување низ Македонија како дел од програмата „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) 2026, со што беше заокружено јубилејното десетто издание на оваа единствена програма од ваков вид. Организирана од Обединета македонска дијаспора (ОМД), програмата „Родум од Македонија“ и понатаму им овозможува на младите со македонско потекло да ја зајакнат врската со својата татковина преку стручни пракси, културни доживувања и непосредни средби со истакнати личности, институции и организации од Македонија.
Завршната свеченост што се одржа во Охрид беше посветена на одбележувањето на успесите на учесниците за време на програмата, но и на пријателствата што ги создадоа, искуствата што ги стекнаа и подлабоката поврзаност што ја изградија со Македонија.
На свеченоста присуствуваа ментори и претставници од компаниите и институциите, во кои учесниците ја реализираа својата стручна пракса, меѓу кои „Костал Македонија“, АД „Охрид“, НУ Завод и Музеј – Охрид, Касарна „Хаб“ и Младинскиот центар – Охрид. На прославата им се придружија и алумни од претходните генерации на програмата „Родум од Македонија“, претставници на локалната заедница, долгогодишни поддржувачи на програмата, како и членови на македонската дијаспора.
Првпат од своето основање програмата „Родум од Македонија“ беше базирана во Охрид овозможувајќи им на учесниците да запознаат еден од најзначајните културни, историски и духовни центри во Македонија. Нивното патување почна со посета на знаменитостите, кои се дел од светското културно наследство на УНЕСКО, меѓу кои Самуиловата тврдина, Плаошник, Античкиот театар и црквата „Св. Јован Канео“ по што ги посетија Музејот на вода „Заливот на коските“ и манастирскиот комплекс „Св. Наум“, а потоа уживаа и во природните убавини на Охридското Езеро во селото Трпејца.
Вториот викенд беше резервиран за посета на Скопје и Битола. Во главниот град учесниците ги посетија кањонот Матка, Водно, скопското Кале, Старата скопска чаршија и плоштадот Македонија по што следниот ден заминаа за Битола, каде што ги разгледаа црквата „Св. Димитрија“, Саат-кулата, Музејот на Битола и прошетаа на Широк сокак. Нивното културно патување заврши со присуство на Галичката свадба – една од најпрепознатливите македонски традиции, каде што имаа можност да бидат сведоци на вековни свадбени обичаи, традиционална музика, ора и легендарното „Тешкото“, изведено во неговото автентично опкружување.
Покрај стручните пракси, секоја среда беше резервирана за едукативни и културни активности во рамките на иницијативата „Среда надвор од канцеларија“. Во текот на овие посети учесниците остварија средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, ја посетија Општина Охрид и разговараа со претседателот на Советот на Општина Охрид, Кирчо Божиноски, за можностите за понатамошно зајакнување на врските меѓу Македонија и нејзината дијаспора. Тие исто така остварија средба со митрополитот дебарско-кичевски Георгиј и посетија неколку од најзначајните национални институции, меѓу кои Музејот на македонската борба за самостојност, Меморијалниот центар на холокаустот, Археолошкиот музеј на Македонија и гробот на Гоце Делчев.
Годинава беше одбележано десеттото последователно издание на програмата „Родум од Македонија“. Од нејзиното основање до денес повеќе од 70 млади луѓе со македонско потекло од САД, Канада, Австралија, Обединетото Кралство, Швајцарија, Босна и Херцеговина, Нов Зеланд, Германија, Унгарија и други земји беа дел од ова уникатно искуство. Благодарение на долгогодишното партнерство меѓу Обединета македонска дијаспора (ОМД) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), програмата секоја година ги обединува Македонците од втора, трета, па дури и од четврта генерација родени во дијаспората. За многумина, ова е прва посета на Македонија, а за други претставува можност повторно да ја откријат земјата на своите предци на многу подлабок и позначаен начин.
Додека учесниците од генерацијата 2026 се враќаат во своите домови во САД, Канада, Австралија, Унгарија и Германија, со себе носат многу повеќе од професионално искуство стекнато преку стручната пракса. Тие заминуваат со нови пријателства, незаборавни спомени и многу подлабоко разбирање на македонската историја, култура и традиции, но пред сè со посилно чувство за сопствениот идентитет и припадност кон своите македонски корени.




