Џихадистички бунтовници и туарешки сепаратисти денеска од заседа нападнаа конвој на армијата на Мали во северниот дел на земјата, при што, според нивните тврдења, убиле и заробиле голем број војници, соопштија двете вооружени групи во одделни соопштенија.
Армијата на Мали го потврди нападот, наведувајќи дека вооружени групи нападнале конвој составен од малиски војници и од нивни партнери во оддалечен дел од областа околу северниот град Гао.
Војската не објави повеќе детали, но соопшти дека е во тек контраофанзива.
И огранокот на „Ал Каеда“ во Мали, познат како „Група за поддршка на исламот и муслиманите“ , и туарешката бунтовничка група „Фронт за ослободување на Азавад“ (ФЛА) презедоа одговорност за нападот.
Во своите соопштенија тие наведуваат дека малиската армија претрпела „големи човечки загуби“ и „сериозна материјална штета“.
МИА




